Претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Даниел Димевски, се кандидира за функцијата претседател на ФИБА Европа. Ова го потврди самиот Димевски, на Годишно Собрание на МКФ во Охрид.
„Се кандидирам за претседател на ФИБА Европа. Тоа е голема чест за мене, затоа сакав ова да го кажам пред вас, бидејќи доколку не бевте вие, немаше да ја имам ова поддршка. Сакам овој дух кој го имам овде со вас да го префрлам и во европската федерација и да изградам силна организација. За противник во трката за претседателската функција ќе ми биде претседателот на федерацијата на Турција, но не е исклучена можноста да се појави и некој трет”, изјави во своето обраќање на годишното собрание на МКФ, Димевски.