Даноците нема да се зголемат

Буџетот за 2022 година е проектиран на постојниот даночен систем и не се предвидени нови даноци или даночни оптоварувања за граѓаните, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Не е предвидено зголемување на даноците, ниту за покривање на енергетската криза затоа што, како што истакна Бесими, во Буџетот се обезбедени околу 130 милиони евра за оваа намена, односно 10 милиони евра кои ќе ѝ бидат префрлени на ЕСМ за докапитализација, 30 милиони евра кои ЕСМ или друга енергетска компанија може да ги искористи од програмата за зелен развој, како и дополнителни 90 милиони евра од програмата за антиковид или други кризи.

Нови даноци не се најавуваат ни со Стратегијата за реформа во даночниот систем, за која денеска Бесими разговараше со директорката на УЈП. Целта е да има поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспареност, подобар квалитет на услугите и воведување еколошко оданочување. Во првата половина на годинава најавен е и инклузивен процес со сите засегнати страни.