Кривична пријава е поднесена против Б.М. (65) од Кочани стечаен управник, управител на ТП„Богдан Глигор Митевски“ ДООЕЛ Кочани, З.А. (54), Б.Н. (53), Ф.Ц. (65) сите тројца вешти лица од Кочани, потоа З.П. (48) од Радовиш управител на „Оранжерии Воденичар“ ДООЕЛ Кочани, Г.Б. (50) од Штип управител на „Интернационал – А“ ДООЕЛ Кочани, В.П. (43) од Куманово управител на „Кобра секјурити“ ДОО Кочани, В.С. (57) од Кичево управител на „Викторија Л и В“ДОО Кочани, М.Д. (43) од Делчево управител на „ВЕ-МА 2011“ ДООЕЛ Делчево, Д.Л. (64) од Штип управител на „Свит ЛБТ“ ДООЕЛ Кочани, М.Г. од Кратово (38) управител на „Корзо Зорбас“ДООЕЛ Кочани, С.Д. (22) од Штип управител на „Студио Стефани“ ДООЕЛ Кочани, С.С. (53) од Штип сметководител, К.Р. (64) од Штип сметководител во ТП „Зорица Аџи Николова Ордева“ Штип, Б.З.Ј. (61) од Куманово сметководител, В.Ј.(59) од Скопје сметководител во „Влатко Консалтинг“ ДООЕЛ Кичево, Д.М. (59) од Кратово лиценциран сметководител, и Г.Д. (47) од Штип лиценциран сметководител, поради сомение дека сториле повеќе кривични дела “злоупотреба на службената положба и овластување“ и “фалсификување исправа“.
Притоа со противзаконските дејствија пријавените избегнувајќи го плаќањето на обврските кон Буџетот на Република Македонија, по различни основи, како и плаќањето спрема останатите доверители во наведените девет правни субјекти сокриле имот во вкупна вредност од 36.655.657 денари на кои не пресметале, не пријавиле и не платиле јавни давачки во вкупен износ од 8.720.654 денари. Наедно со вака сокриениот имот а врз основа на реализирани стечајни постапки и ликвидации на наведените правни субјекти избегнато е плаќање на претходно утврдени обврски по разни основи (даноци, глоби, МПИН) спрема државата во износ од 4.083.626 денари или севкупно нанесена е штета на Буџетот на РМ во вкупен износ од 12.804.280 денари.
Имено, првoпријавениот, во својство на службено лице, стечаен управник на правните субјекти „Оранжерии Воденичар“ ДООЕЛ Кочани, „Свит ЛБТ“ ДООЕЛ Кочани, „Кобра Секјурити“ ДОО Кочани, „Студио Стефани“ ДООЕЛ Кочани, „Корзо Зорбас“ ДООЕЛ Кочани, „ВЕ–МА 2011“ ДООЕЛ Делчево, „Интернационал – А“ ДООЕЛ Кочани, „Викторија Л и В“ ДОО Кочани и „Фауст Графика“ ДООЕЛ Македонска Каменица, искористувајки ја својата службена положба, спротивно на одредбите од Законот за стечај, во периодот од јули 2013 година до септември 2014 година, им овозможил на наведените друштва за кои е отворена претходна постапка, да ги избегнат обврските кон државата и други доверители, односно за истите да не се отвора и води стечајна постапка согласно член 69 од Законот за стечај, туку постапките да бидат завршени по принципот отвори – заклучи, согласно член 68 од наведениот закон. И на тој начин да бидат ликвидирани и бришани од Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица во Централен регистар на РМ. Затоа од петто до осумнаесетто пријавениот (управители и сметководители на наведените правни субјекти) побарал да изготват наменски, фалсификувани Годишни сметки во кои незаконски ќе се избришат ставките кои прикажуваат имот на друштвото. Односно на истите им сугерирал и дал совети и насоки како тоа да го направат за да може ефикасно и во нивна корист да ја реализира постапката односно правните субјекти да бидат ликвидирани.
Врз основа на така изготвената фалсификувана финансиско книговодствена документација, првопријавениот изготвил Извештаи за материјално финансиската состојба на должниците кои ги доставил до ОС Кочани, со констатација дека стечајниот должник не поседува имот со кој може да се покријат трошоците на стечајната постапка и обештетат доверителите, поради што дал мислење судот да донесе Решение истата да се заклучи по член 68 од Законот за стечај.
Вештите лица пак (второ, трето и четврто пријавените), во стечајните предмети со непреземање на должни дејствија, односно со непостапување согласно професионалните стандарди, правила и принципи за изготвување на вештачење предвидени во Законот за вештачење, Законот за сметководство и Правилникот за водење на сметководство не ги презеле потребните мерки и активности за да утврдат дали стечајните должници поседуваат имот (кој реално постоел), туку изготвиле вештачења само врз основа на фалсификуваната книговодствена документација добиена од првопријавениот, во кои констатирале дека друштвата немаат имот со кој би се покриле трошоците на постапката за стечај и дале мислење истата да се заклучи согласно член 68 од Законот за стечај, со што помогнале на првопријавениот да ја реализира намерата за затворање на стечајните постапки по принципот отвори-заклучи.