Фудбалерите на Данска станаа 13-та репрезентација која обезбеди настап на ЕУРО 2024, обезбедувајќи го првото место во групата Х од квалификациите благодарение на победата од 2:1 (1:1) на домашен терен во Копенхаген против Словенија.
Данска целосно ја надигра Словенија, а подобра игра уште од првата минута ја круниса со голот на Меле (26) за 1:0. Но само четири минути подоцна Јанжа (30) со одличен слободен удар израмни на 1:1. Сепак, на почетокот од продолжението Дилејни (54) ја донесе Данска до ново водство, а до крајот на мечот Данците имаа можности да го зголемат водството, но не ги искористија.
Данска со 22 бода го обезбеди првото место и настап на ЕУРО во Германија, Словенија е втора во групата со 19 бодови и за три дена во Љубљана ги очекува решавачки дуел за второто место и пат на континтенталното првенство против третотопласиран Казахстан кој има 18 бодови. Претходно во петокот, Казахстан на домашен терен го победи Сан Марино со 3:1 (1:0). Стрелци за Казахстан беа Чесноков (19, 51) и Аимбетов (90+2-11м), додека единствениот гол за Сан Марино го постигна Франциози (60).
Претходно во петокот, Албанија се пласираше и на ЕУРО по ремито 1:1 (1:0) на гостувањето кај Молдавија во Кишињев. Еден бод од Кишињев им беше доволен на Албанците вторпат во историјата да одат на ЕУРО, а голем чекор направија на средината на првото полувреме кога поведоа со голот на Цикалеши (25) од пенал. Албанците беа во водство до крајот на дуелот кога Бабогло (87) израмни на 1:1. Иако домаќините во самата завршница тргнаа по победнички гол кој ќе ги држеше во игра за пласман на Европското првенство, гостите успеаја да го зачуваат бодот.
Во втората средба од оваа група, Полска и Чешка одиграа 1:1 (1:0) во Варшава, а овој резултат ги елиминира Полјаците, додека Чесите се доближија до пласман на ЕУРО. Полска поведе со голот на Пјотровски (38), но израмни Соучек (49).
Албанија е на врвот во групата со 14 бода, два повеќе од втората Чешка, третата Полска има 11 бода, но ги одигра сите натпревари, додека четврта е Молдавија со 10. Во понеделник Чешка и Молдавија ќе одигра директен дуел за второто место во кој на Чешка ѝ е доволен бод, а на Молдавија за историски успех ѝ е потребна победа.
И Италија оствари важна победа во борбата за ЕУРО, бранителот на титулата ја совлада Македонија со 5:2 (3:0) во Рим. Головите за „аѕурите“ ги постигнаа Дармијан (17), Киеза (41, 45+2), Распадори (81) и Ел Шарави (90+3), додека двата гола за Македонија ги постигна Атанасов (52, 74). Со оваа победа Италија се израмни со Украина во бодовите, двете репрезентации имаат по 13 бода пред мечот во Леверкузен во понеделник, а сега Украинците ќе треба да ја бркаат победата за да одат на ЕУРО, додека на Италијанците им е доволен и бод. Првото место во оваа група го потврди Англија со 2:0 (1:0) со победата против Малта на Вембли со автогол на Пепе (8) и гол на Кејн (75).
Уште порано на ЕВРО се пласираа Англија, Франција, Шпанија, Белгија, Португалија, Турција, Шкотска, Унгарија, Австрија, Словачка и домаќинот Германија.