Данска ќе плати 75 отсто од платите на работниците во приватниот сектор поради коронавирусот

Данската премеирка Мете Фредерискен

Данската влада планира да плати 75 отсто од платите на работниците во приватниот сектор чиишто работни места може да бидат загрозени во кризата поради епидемијата од коронавирусот, доколку работодавачите ветат дека нема да ги отпуштат, пренесуваат во неделата агенциите.

Претставувајќи го планот договорен со претставниците на работодавачите и синдикатите, данската премиерка Мете Фредериксен изјави на прес-конференција во неделата дека владата сфаќа дека би можелa да се јави потребата работниците да бидат испратетни дома поради намалениот обем на работата, но апелираше врз компаниите да не ги отпуштаат.

Планот се однесува на периодот од 9-ти март до 9-ти јуни, а максималната субвенција ќе изнесува 23.000 дански круни, или 3.067 евра, месечно. Компаниите ќе мора да ги платат преостанатите 25 отсто од платите на работниците, пренесува Reuters.

Работниците, за возврат, ќе мора да земат пет дена од задолжителниот годишен одмор или пет слободни дена, додаде перемиерката Фредериксен. Притоа потврди дека во Данска се регистрирани два смртни случаи од коронавирусот.

Претставникот на Данската индустриска конфедерација, Ларс Сандал Соренсен, изјавил дека со оваа мерка ќе им се помогне на десетици илјади компании, предупредувајќи дека „многу од нив се во очајна ситуација“, пренесува агенцијата DPA.

Лизет Рисгард, челничка на Данската конфедерација на синдикатите, изјавила дека „вонредните времиња бараат и вонредни мерки“.