Данска и Франција во борба за европската ракометна титула

Ракометарите на Данска и Франција ќе се борат за титулата европски првак во Келн, каде во петок во полуфиналето Данците ги победија Германците со 29:26 (12:14), а претходно Французите со многу драматика по продолженијата ги победија Швеѓаните со 34:30.

Откако Франција на драматичен начин стигна до своето четврто финале на европските првенства со елиминацијата на бранителот на титулата во полуфиналето, истото го постигна и Данска со многу подобра игра во вториот дел, кршејќи го отпорот на Германија.

Во првото полувреме домашните одиграа одлична одбрана и дојдоа до три гола предност во 28. минута (13:10). Во вториот дел Германците дојдоа до предност од два гола (14:12), но таа се стопи за само две минути игра. Данците го направика решавачкиот исчекор од 49. во 53. минута, кога од 22:20 дојдоа на пет гола предност (26:21) и без многу напор ја одржуваа предноста до конечните 29:26.

Емил Јакобсен, Микел Хансен и Симон Питлик постигнаа по пет гола за победниците. Германските стрелци ги предводеа Ренарс Ушинс со пет гола и Јури Нор со четири.

Така, в недела од 15 часот Германија и Шведска ќе се борат за бронза, а во финалето кое ќе започне во 17 часот и 45 минути за златото ќе играат Франција и Данска.

Тоа ќе биде реприза на финалето од последното Светско првенство, кога Данците ја освоија третата последователна титула светски шампиони и реприза на финалето на Олимпискиот турнир во Токио во 2021 година, каде Французите го освоија златото.

Французите досега излегоа како победници во сите три финалиња на европските првенства, а за последната европска титула ги победија Данците во 2014 година пред своите навивачи во Хернинг.

Данците ќе го бараат своето трето европско злато, а прво од 2012 година. Данска и Франција уште двапати играа за бронза на континенталните првенства, во 2018 година Французите славеа во Хрватска, а пред две години бронзата ја освоија Данците.