Данската логистичка компанија DSV во петокот објави дека ќе ја купи товарната подружница „Schenker“ на германски „Deutsche Bahn“, за 14,3 милијарди евра, со што ќе се постави теренот за навлегување во самиот врв на глобалниот логистички сектор.
Купувањето на „Schenker“ би било најголемо во историјата на данската компанија и би ја обезбедило нејзината позиција пред швајцарската „Kuehne und Nagel“, и според обемоот и според приходите, забележува Reuters.
Комбинираната групација ќе има приходи од 39,2 милијарди евра, според минатогодишните резултати, и околу 147.000 вработени во повеќе од 90 земји, посочи DSV, која планира да добие четири до пет милијарди евра за купување на „Schenker“ преку емисија на акции, а останатото преку емисијата на долгот.
„Купувањето на Schenker суштински ќе го промени DSV и ќе создаде светски водечки играч во глобалниот транспортен и логистички сектор“, нагласуваат тие во соопштението за медиумите.
Данската компанија се обврза да инвестира милијарда евра во Германија во следните три до пет години и да задржи неколку клучни делови од работњето.
Групацијата „Deutsche Bahn“ истакнува дека трансакцијата е „најголема“ во нејзината историја, истакнувајќи дека „било важно за нив да најдат силен партнер за „Schenker“ и долгорочен дом за вработените во компанијата“, според извршниот директор Рихард Луц.
На крајот од јули, германската железничка компанија објави дека ќе отпушти околу 30.000 работници во следните три години, откако пријави значително поголема загуба во првата половина од годината, под притисок на големите инвестиции во модернизацијата на железничката мрежа. во Германија.
Купувањето на „Schenker“ од страна на DSV треба да биде одобрено од регулаторите, германското министерство и надзорниот одбор на „Deutsche Bahn“, а треба да биде затворено во вториот квартал на следната година.
Данската компанија е основана во 1976 година и на почетокот вработувала само 10 возачи на камиони. Потоа почнаа да се шират со голема брзина, преку серија успешни аквизиции на фрагментираниот пазар на логистички услуги, често купувајќи значително поголеми компании.
Во изминатите години, „Schenker“ обезбедуваше значителен дел од заработката на „Deutsche Bahn“. Тие вработуваат повеќе од 70.000 работници во околу 130 земји, вклучително и приближно 15.000 во Германија.