Данска: Обвинети две лица за соучество во нападите

Данската полиција обвини двајца мажи, дека биле соучесници на мажот, обвинет за убиство на две лица во напади во синагога и на манифестација за поддршка на слободата на говор во Копенхаген за време на викендот.

Двајцата осомничени се уапсени вчера.

– Двајца мажи се обвинети за соучество, преку совети и активности, на извршителот на нападите во Крудтонден и Кристалгаде, се наведува во соопштението на полицијата, пренесува МИА.

Полицијата во Данска претходно објави дека напаѓачот, убиен во полициска акција по двата смртоносни напади во Копенхаген, можеби бил инспириран од минатомесечните терористички напади во Париз.

Мажот осомничен за убиство на две лица во Копенхаген вчера е идентификуван од данските медиуми како Омар Ел Хусеин. Данскиот таблоид „Екстра Бладет“ објави дека 22-годишниот Ел Хусеин бил пуштен од затвор пред две недели по отслужување на казна затвор за тежок физички напад.