Данска се согласи во петокот да разговара за безбедноста на Арктикот со САД, изјави министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен по неговиот прв телефонски разговор со државниот секретар од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој сака контрола на Гренланд.
Расмусен и американскиот државен секретар Марко Рубио разговараа 20 минути во „добар и конструктивен тон“, разговарајќи за Украина, европската безбедност и ситуацијата на Блискиот исток, се вели во соопштението на данското Министерство за надворешни работи.
Трамп претходно месецов, како и во неговиот прев претседателски мандат, изрази интерес Гренланд, автономна територија во рамките на Данска, да стане дел од САД. Тој во низата изјави не ја исклучи можноста и од употреба на воен или економски притисок за да ја принуди Данска да го предаде арктичкиот остров.
Гренланд е стратешки важен за американската војска и нејзиниот систем за рано предупредување од балистички ракети со оглед на фактот дека најкраткиот пат од Европа до Северна Америка минува преку островот, што го направи приоритет за Трамп. Порај тоа, островот има резерви од ретки минерали, руди и енергенси, кои исто така се од интерес на САД кои велат дека Кина веќе ги остварува своите амбиции на Гренланд.
„Безбедноста на Арктикот не беше тема (денеска), но беше договорено за тоа подоцна да разговараат САД, Данска и Гренланд“, соопшти данското министерство.
Гренландскиот премиер Муте Егеде постојано изјавува дека островот не е на продажба и дека неговите жители треба сами да одлучат за својата иднина.
Иако Трамп зборуваше и за можноста за преземање на Гренланд во 2019 година, неговото одбивање да ја исклучи можноста за користење воен или економски притисок изненади многу Данци. Данската премиерка Мете Фредериксен на 15 јануари изјави дека разговарала со Трамп по телефон и му рекла дека Гренланд мора сам да одлучи за својата иднина.