Данска загрижена поради зголемување на шпионажата на нејзина територија

Данските разузнавачки служби се загрижени поради зголемувањето на шпионските активности на територијата на оваа скандинавска земја, произлегува од извештајот објавен во четвртокот во моментот кога челникот на военото разузнавање е во притвор под обвинение за истекување доверливи документи.

„Одреден број странски земји спроведуваат активно разузнавачки активности против Данска, а заканите со шпионажа се зголемиле во последните години“, навудуваат во извештајот днаските разузнавачки служби.

Ваквата закана која опфаќа „шпионажа, вознемирување, обиди за нелегално стекнување производи, технологии и знаења, и во исклучителни случаи – обиди за атентати,“ се протегаат и на данските автономни територии Фарски острови и Гренланд, особено поради интересот за Арктик. Според извештајот, наводно заканата во прв ред доаѓа од Русија, Кина и Иран.

„Кина вложува големи напори во смисла на пренесување технологии и знаења“, тврди за весникот Politiken шефот на разузнавачката агенција Андерс Хенриксен. Според него, латентната закана се состои и во видот на студентски размени.

Данската јавна телевизија извести во понеделникот дека на шефот на данската воена разузнавачка служба, Ларс Финдсен, му е одреден притвор поради вмешаноста во случај кој вклучува истекување „високо доверливи“ информации.

Четири сегашни и поранешни службеници на две дански разузнавачки агенции беа уапсени во декември поради истекување строго доверливи информации. Финдсен е единственииот кој останува во притвор додека трае истрагата.

Случајот, за кој данските власти објавија многу малку информации, се води далеку од јавноста, што значи дека точните обвиненија и карактерот на истечените информации засега не се објавени. Според телевизијата, станува збор за истекување доверливи информации во данските медиуми.

 

Операцијата Dunhammer

Во мај минатата 2021 година германскиот дневен весник Suddeutsche Zeitung и германските јавни радиодифузери ARD и VDR, како и низа медиуми во Данска и Шведска објавија дека данските разузнавачки служби ѝ помогнале на американсата NSA да ги следи и надгледува европските политичари од 2013 година. Според медиумските извештаи, за прислушување на европските челници бил користен телекомуниакциски центар во близина на NSA.

Од оваа станица, како што се наведува, било можно да се пристапи до подводните кабли на интернет провајдерите. Истовремено, следени биле и данските министерства за надворешни работи и за финансии, како и една фирма во воено-индустрискиот комплекс.

Според сознанијата, во 2014 година шефот на данското воено разузнавање започнал тајна внатрешна истрага по предмет за користењето на NSA на данско-американскиот разузнавачки систем Xkeyscore на база на данската разузнавачка служба на островот Амагер во теснецот Ересунд, создаден за следење објекти во соседните земји на Данска.

Истрагата го добила кодното име „Dunhammer“ и завршила во 2015 година, а резултатите биле предадени на челниците на разузнавачката служба. Пет години подоцна, благодарение на еден информатор, за овој инцидент било запознаено министерството за одбрана, по што министерот Трине Брамсен отстранил голем број разузнавачки челници од нивните функции.

Данската влада била информирана за соработката со NSA подоцна од 2015 година, се додава во написот. На властите во Копехаген им бил доставен специјален класифициран извештај во врска со информациите го тогаш произлегуваа во медиумите по документите одставени од Едвард Сноуден. Во него било посочено дека данските разузнавачки агенции им помагале на САД во шпионирањето на водечките политичари во Шведска, Норвешка, Холандија, Франција и Германија. Оваа информација била причината за тогашната оставка од страна на шефот на данската разузнавачки служба Forsvarets Efterretningstjeneste (FE).

Како што се наведува во написот во Süddeutsche Zeitung, во периодот меѓу 2012 и 2014 година NSA со помош на Данска следела голем број европски политичари, меѓу кои и геранската канцеларка Ангела Меркел, тогашниот шеф на германската дипломатија сега преседател на земјата Франк-Валтер Штајнмаер и кандидатот за канцелар на Социјалдемократската партија на Германија (SDP), Пет Штајнбрик.

 

Продолжение на скандалот што го откри Сноуден

Скандалот со NSA беше отворен во 2013 година кога неделникот Der Spiegel ги објави откритијата на поранешниот соработник на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Едвард Сноуден, за масовното прислушување преку интернет и мобилните оператори на милиони лица ширум светот, вклучително и странски државници, меѓу кои дури тројца претседатели на Франција.

Германската јавност силно беше разбранувана и гневна откако таа година во споменатите документи беше наведено дека масовното следење на електронските комуникации и телефонските разговори било спроведувано и во Германија, вклучително и мобилниот телефон на германската канцеларка Англеа Меркел во текот на десет години, уште од периодот додека била во опозиција.

Скандалот, на кој се надоврзаа и германските сознанија за службеници на германското разузнавање врбувани да работат во полза на американските служби, ги разниша американско-германските односи, кои се сметаат за многу блиски, особено во годините на мандатот на поранешниот америксански претседател Барак Обама. „Шпионирањето меѓу пријателите воопшто не е во ред“, изјави тогаш Меркел.

Американскиот претседател Барак Обама, кој според документите добиени од Сноуден знаел повеќе години за прислушувањето на германската канцеларка, тогаш ја исклучи можноста од натамошно прислушување на Меркел, што според германските медиуми значеше дека всушност признал дека тоа се случило.