
Бекот на Индијана Пејсерс, Дарен Колисон, објави дека ја завршува својата кариера во најсилната и најплатената кошаркарска лига на светот, на возраст од само 31 година и тоа од религиозни причини.
„Иако сѐ уште ја сакам кошарката, знам дека постои нешто поважно, а тоа се моето семејство и мојата вера. Јас сум Јеховин сведок и мојата вера ми значи сѐ. Толку радости добив преку волонтерската работа и помагањето на другите, што тоа е немерливо. Поради тоа, одлучив повеќе да не играм во НБА лигата“, објави Колисон.
Минатата сезона Колисон беше стандарден член на почетната петорка на Пејсер, а во просек постигнуваше 11,2 коша по натпревар со по 6,0 асистенции.
Во НБА лигата, Колисон се појави во 2009 година кога како 21-ви на драфтот го избраа тогашните Њу Орлеанс Хорнетс во чии редови ја мина првата сезона. Следеше двегодишниот период во Индијана Пејсерс, а потоа во сезоната 2012/2013 настапуваше за Далас Маверикс. Следната 2013/2014 сезона играше во дресот на Лос Анџелес Клиперс, а од 2014 до 2017-та и на Сакраменто Кингс, пред да се врати во Индијаба.
Вкупно одигра 708 натпревари во најсилната кошаркарска лига на планетата, со просек по натпревар од 12,5 коша, 5,6 асистенции и 3,2 скока.