Дарко Чурлинов е во болница во Белград – добил сепса!

„Дарко Чурлинов е во болница во Белград. Засега нема јасен одговор околу неговата ситуација ниту од докторите. Имаше внатрешно труење, не се знае дали е последица од проблеми со заб или анесетезија. Познато е дека тоа резултирало со труење на крвта, односно сепса. Се надевам дека најлошото е зад Дарко. Познавајќи го него каков борец е, верувам дека ќе биде во најдобар ред“ – изјави Милевски.

Чурлинов сезонава не беше меѓу најстандардните во Барнли, се мачеше со повреди, но се чини дека имал и други здравствени проблеми кои го одалечиле од зелениот терен.

Инаку селекторот Милевски рече дека сега во мислите на фудбалерите е само мечот со Украинците.

„Ние сме сконцентрирани само на натпреварот со Украина, за Англија ќе размислуваме подоцна. Како анализа за дуелот го зедовме натпреварот од Европското првенство. Украинците играат со 90% ист состав, освен неколку измени. Дури и да дојде до промена на селекторското место, играчите се тие, повиканите. Насочени сме кон нивните индивидуални квалитети, постои тој натпревар за анализа и насока. Би преферирал секогаш играчите да се во целосна натпреварувачка форма. Немаме увид во тренажниот процес на ривалите и на нивниот замор. Кога играте со ваков тип на противници, каде што квалитетот е на највисоко ниво и како тим функционираат беспрекорно, мора да имат една цел. Мора да се оди на победа, особено бидејќи во денешниот фудбал нема апсолутни аутсајдери“ – изјави Милевски.