Младиот Дарко Костовски, актуелен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Бутел, дипломиран политиколог, вработен во МТСП и актуелен советник во Советот на општина Бутел, успешен спортист и тренер на македонската Таеквондо федерација, ја доби поддршката од партијата да биде кандидат за градоначалник на претстојните избори.
Постојано е меѓу своите сограѓани и директно од нив ги слуша проблемите, барањата и потребите. Решавањето на истите ги вметна во својата програма со која од нив ќе ја побара поддршката на 15-ти октомври.
Што ќе биде вашиот приоритет за реализација?
-Постојано сум присутен помеѓу граѓаните во Бутел, одлично го познавам секој детал во нашата општина и според тоа сметам дека успешно сум лоцирал кои се вистинските приоритети за Бутел. Програмата која што ке ја понудам на бутелчани реално предвидува Бутел успешно да прерасне во супер урбана општина со голем број проекти од оваа област, но исто така со сериозно добра понуда од областа на младите и спортот. Во целина сметам дека моите приоритети се базирани врз основа на реалните очекувања потреби на најголемиот дел мои сограѓани, истакна Костовски во интервју за КУРИР.МК.
Ќе понудите богата програма во која се опфатени жителите на Бутел од сите генерации. Кои проекти би ги издвоиле како најкрупни и најзначајни?
-Она што би сакал да го извојам од мојата програма се неколку проекти кои навистина ќе бидат клучен фактор Бутел да добие модерен европски изглед. Ултра модерен парк во Бутел целосна нова урбана опрема, нови цветни површини, нови детски катчиња, нова фонтана, реконструкција и оживување на старото корзо, бесплатна WiFi мрежа, нови содржини за младите, комплетно ново осветлување на паркот, како и ограден дел од паркот за миленичиња и можност за нови кафулиња. Модерен спотски комплекс со терени за мал фудбал, кошарка, тенис, одбојка, стаза за трчање, отворени фитнес зони. Максимален поттик и заложба за изградба на нова поликлиника во Бутел која би се изградила со јавно приватно партнерство. Останатите работи како асфалтирање на некои улички, изградба на водовдни мрежи и слично ќе бидат мое секојдневие и сметам дека во таа смисла ќе бидат експресно завршени. Она што сакам да го истакнам е дека програмата ќе биде навистина доста обемна и ќе нуди навистина сериозна стратегија како до вистински урбан Бутел, но исто така многу е важно да се спомене дека програмата буквално ќе ги опфаќа интересите на сите старосни генерации, објаснува кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Бутел.
Жителите на Бутел од актуелниот градоначалник Петре Латиновски се научени да бидат спроведени ветувањата и проектите. Тоа, не по негова вина, запре откако СДСМ дојде на власт. Како гледате на оваа состојба, на кочењето на проекти директно на штета на граѓаните?
-Еден таков проект кој што централната власт го закочи е основно училиште во Визбегово, но сметам дека во недостаток на идеи СДСМ навистина дејствува споротивно на просперитетот кој во секоја област беше наметнат од владата на ВМРО-ДПМНЕ.Одговорните политичари не смеат да кочат работи кои се квалитетни за граѓаните па макар тоа биле предлози и од други или спротиставени политички партии. Особено централна власт треба да биде мотор, а не кочница за реализација на проекти од јавен интерес, порачува Костовски.
„Битката“ за Бутел ќе ја водите со вашиот противкандидат од СДСМ, Велимир Смилевски. Каква кампања ќе водите и каква кампања очекувате од спротивната страна?
-Не би рекол дека ќе се работи за битка,сметам дека ќе биде фер и коректна трка на идеи и визии за Бутел. Она што сакам особено да го истакнам е дека ќе водам исклучително позитивна кампања затоа што сметам дека навистина имам што да им понудам на бутелчани. Од страна на кандидатот на СДСМ очекувам фер и коректен пристап кој за жал не е пример генерално во СДСМ, но сметам дека ќе успее да ја надмине својата партија во овој дел, вели Костовски во интервјуто за КУРИР.МК.
За оние кои можеби не ве познаваат, што би одговориле на прашањето „Кој е Дарко Костовски“?
-Лично се доживувам како скромен човек, страствен љубител на спортот, човек кој верува во Бог, но навистина сметам дека за човек секогаш е подобро да зборуваат делата. Она што би можел да го потенцирам врз основа на вашето прашање е тоа дека јас сум млад и енергичен човек кој на секој предизвик гледа како на цел која мора да биде соборена, борбеноста од спортот која е врежана во мојот дух ми дава за право да кажам дека Бутел ќе добие борец за модерно урбанизирање на општината и остварување на сите понудени проекти во програмата, но секако и надвор од неа. Она што ме води низ животот е максималната ефикаснот кога се во прашање предизвиците, сметам дека тоа ќе биде и основниот принцип на новиот градоначалник на Бутел, заклучува тој во интервјуто.