Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски вели дека одличниот состав кој го има ДИК е предуслов за успешна работа.
– Во мојата првична изјава реков ќе работиме професионално и одговорно, стручно. Се работи за многу добар состав на ДИК бидејќи се искусни, дел од нив имаат и повеќе годишно искуство. Одличен состав, тоа е првиот предуслов да се извршува работата успешно, вели Даштевски за Курир.
По однос на изјавата на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која дадена за МИА во која вели дека очекуваат новиот состав на ДИК да ги извршува своите должности согласно законите, Даштевски посочува дека очекуваат одлична соработка со нив. Одлична соработка, првиот човек на ДИК, очекува и со мисијата на ОДИХР како и со целата меѓународна заедница.
Даштевски сепак потенцира дека не е можно извршување на законските обврски доколку затајува соработката со институциите во државата. Тој за Курир вели дека активно се подготвуват за локалните избори, но открива и со какви проблеми се соочуваат.
– Не е можно извршување на законските обврски без соработка со државните институции во Република Македонија, истакнувам уште претходниот состав пред донесување на буџетот побарал средства за извршување на законската обврска позната како „фингерпринт“ која е донесена во февруари минатата година со измени и дополнувања на законот, каде стои дека за локалните избори мора да биде спроведена. Пари во буџетот не се одобрени и по изборот и доаѓањето на овој состав поднесено е барање за одобрување на средства со трансфер на пари, потоа и јас лично поднесов барање со ургенција. Сѐ уште немаме одговор од институциите. Доколку Министерство за финансии не реагира може да биде доцна и изборната комисија се ослободува од одговорноста за извршување на оваа обврска. Оваа обврска треба да се спроведе поради зголемување на степенот на демократија во избирачкиот процес. Од првите избори до денес имаме проблеми со постоечкиот начин на спроведување на изборите, вели Даштевски за Курир.
По однос на најавите за евентуална промена на изборниот модел, претседателот на ДИК вели дека планирани се повеќе измени за кои најверојатно нема да време да се реализираат. Тука е моделот на една изборна единица и отворените листи.
Даштевски нагласува дека законот не може да се смени во насока да не се спроведе, а посочува дека одговорна за спроведување на изборниот процес е ДИК.