Студентскиот парламент на УКИМ вчера избираше нов Претседател на СПУКМ. На сите 23 факултети гласањето започна навремено во 09:00 часот и заврши во предвиденото време во 16:00 часот.
Кандидати за студентски лидер беа под реден Стефан Василевски од Медицинскиот факултет кој доби поддршка од 6 студентски парламенти на факултетите и Давор Поповски кој доби поддршка од 7 студентски парламенти на факултетите.
Според правилникот за избори на Претседател на СПУКМ, по преброените гласови Студентскиот Парламент соопшти дека вкупно гласале 5.264 студенти.
Нов Претседател на СПУКМ со освоени 3.851 гласови е кандидатот Давор Поповски, а Стефан Василевски освои 1.275 гласови. Вкупно имаше 138 неважечки гласови.
Од Студентскиот Парламент им честитаа на кандидатите за нивната коректна кампања, која се базираше на програма која им нуди проекти и можности на студентите.
Изборниот процес се одвиваше во фер и демократска атмосфера, каде што можност имаа студентите да го дадат својот глас и достојно да го изберат својот нов лидер. Во текот на изборот имаше тенденции за скандализирање на изборот од страна на Студентскиот пленум, кој е политички мотивиран, да направат упад во гласањето и да ги спречат студентите да го искажат своето демократско право на глас, што беше директен атак на слободата на студентското изразување. Воедно сакаме да упатиме остра критика и да го осудиме насилното однесување на Студентскиот пленум за време на изнесувањето на гласачките кутии од Правниот факултет, за време на пребројувањето на гласовите и за време на внесувањето на последните кутии во просториите на СПУКМ. Ваквиот начин на однесување сметаме дека не доликува на академски граѓани и на студенти кои треба да бидат авангарда и носители на иднината на нашата држава. Политички мотивираните насилни однесувања се одлика на оние кое сакаат да го уништат студентското движење, велат од СПУКИМ.