ФОТО: Свечено одбележан Меѓународниот Ден на Бошњаците

По повод меѓународниот ден на Бошњаците, во хотелот Холидеј Ин, Бошњачката културна заедница на Република Македонија свечено го одбележа Денот на Бошњаците во Македонија. Токму на овој ден беше и презентирано новото здружение на бошњаците „Здружението на Бошнаците од Македонија“.

На свечената прослава по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Бошњаците пред присутните со поздравен говор се обрати Претседателот на Републиката Ѓорѓе Иванов. Меѓу останатите гости на прославата присуствуваа и министри во Владата на Р.Македонија, градоначалници, дипломатски претставници, професори, бизнисмени, општествени видни личности во Р. Македонија и други гости, почитувачи на бошњачката заедница.

Свечено одбележан Меѓународниот Ден на Бошњаците
Свечено одбележан Меѓународниот Ден на Бошњаците

Во рамки на македонскиот модел на соживот, Република Македонија ја почитува и ја прифаќа Бошњачката заедница со сите нејзини посебности и специфики како нераздeлив дел, при што суштината на нашиот модел е сфаќањето дека другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување. Затоа, ние ја почитуваме и ја прифаќаме различноста. А почитувањето и прифаќањето се темелат врз меѓусебната доверба. Наш завет е и во иднина да градиме мостови на пријателства и заедно да чекориме кон нашата заедничка европска иднина, истакна во своето обраќање претседателот Иванов.

Свое обраќање имаше и претседателот на Здружението на Бошњаците од Македонија Сеад Кочан кој истакна дека заедничка ни е страната и определбата на сите нас овде, да работиме на почитување на етничките и религиските различности, да продолжиме да ги надградуваме и негуваме истите, се’ со една единствена цел: подобрување на ситуацијата и квалитетот на живеење на сите граѓани во Република Македонија. Ние како граѓани на оваа држава, треба да се стремиме кон постојано подобрување на условите, кон постојан напредок, кон усовршување на толеранцијата и солидарноста, треба да се мотивираме да изградиме една поволна средина за заеднички успех и напредок на сите граѓани.

Свечено одбележан Меѓународниот Ден на Бошњаците
Свечено одбележан Меѓународниот Ден на Бошњаците

Денес, нашата голема заедница има потреба од поголемо активно делување во општествените системи на државата, поради таа потребата за уште поголема наша афирмација го основавме „Здружението на Бошњаците во Република Македонија“ кое претставува невладина организација, која ќе работи во насока на остварување и усогласување на интересите на припадниците на Бошњачката заедница кои живеат и работат во Македонија. Здружението на Бошњаците во Република Македонија ќе има за цел да делува како во сферата на културното обединување  на Бошњаците така и во зачувување на историските вредности кои се наш аманет и идентитет, рече Кочан.

Во своето обраќање, меѓу другото, тој истакна дека како Претседател на Здружението на Бошњаците во Македонија, ќе се залага за уште поголема интеграција и подобрување на позицијата на заедницата на Бошњаците во културно-општествениот живот во Република Македонија. Тој ги повика сите заинтересирани да се приклучат кон ова здружение и заедно да се залагаат кон зачувување на идентитет, јазик, посебност, но пред се кон промоција и зачувување на бошњачката култура.