Денеска се навршуваат 26 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор, а Босна и Херцеговина е во една од најголемите политички и безбедносни кризи од 1995 година, пишува МИА. Ова се случи откако членот на државното претседателство и лидер на Република Српска, Милорад Додик најави дека ќе го повлече субјектот РС од уставниот и правниот поредок на БиХ.
Според Додик Република Српска ќе ги преземе одговорностите од државата како судството, собирањето индиректни даноци, па дури и армијата, а процесот што тој го нарекува враќање на надлежностите кои претходно ги презеде државата БиХ од ентитетите во петокот беше поддржан со мнозинство гласови во парламентот на ентитетот.
Шест месеци за цепење или шест месеци санкции?
Владата на Република Српска доби шест месеци рок да подготви закони за замена на државните закони на ентитетот, кои многу западни земји, вклучително и високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, ги опишаа како закана за Дејтонскиот мировен договор.
По тој потег, сè погласни се изјавите за санкции против Додик бидејќи распад на БиХ е неприфатлив. Пред 26 години, „шатл“ дипломатијата тогаш резултираше со Дејтонскиот договор, а во изминатите денови повторно дипломатијата е погонско гориво за зачувување на мирот.
Новата шефица на германската дипломатија Аналена Бербок вчера побара ЕУ да воведе санкции за Додик, поради неговите активности за отцепувањето на Република Српска. Бербок, која првпат учествуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на Унијата, рече дека „напорите (на босанските Срби) за распад на БиХ се неприфатливи“.
По состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, Бербок за новинарите во Брисел изјави дека ситуацијата во БиХ е загрижувачка и дека лобира постојниот режим на санкции да се користи и против Додик.
Распад на Босна, значи војна на цел Балкан
Демократскиот сенатор Крис Марфи од Конектикат во изјава за „Ал Џезира Балканс“ зборуваше за моменталната ситуација и кризата во Босна и Херцеговина, повикувајќи ги САД посилно да се ангажираат во таа земја.
„Сите очи моментално се вперени во Украина, но една друга криза е исто така близу. Ве молиме прочитајте ја оваа кратка тема за заканата за мирот на Балканот од засилената сепаратистичка реторика на босанските Срби“, напиша Марфи на Твитер, додавајќи дека сака да објасни зошто е тоа важно.
„Распадот на Босна лесно може да доведе до враќање на војната на Балканот. Ова би било катастрофа и време е САД да се вклучат повеќе“, наведе Марфи.
Европа се двоуми какви санкции да ѝ воведе на Босна
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изрази сомневање дека ќе се постигне консензус во ЕУ за воведување санкции кон Додик.
„Хрватска е посветена на дијалогот, во наш интерес е да инсистираме на дијалог. Треба да ги убедиме сите лидери дека е неопходно да се набљудува и да се доживува Босна и Херцеговина како суверена и целосна земја и дека нема простор за никаков сепаратизам“, рече Грлиќ Радман.
Тој изјави дека на вчерашната средба „никој не инсистирал на санкции во некој мнозински формат, во смисла дека сите земји се согласиле“.
„Тоа беше повеќе испитување на теренот, мислењата и расположенијата на земјите-членки“, рече Грлиќ Радман.
Турција, Унгарија и Словенија се против поделена Босна
Турскиот министер за надворешни работи Мелвут Чавушоглу го опиша гласањето за трансферот на надлежностите од Босна и Херцеговина во Народното собрание на Република Српска како „погрешно и опасно“ и додаде дека овој потег „ја загрозува регионалната стабилност“.
„Стабилното опкружување кое трае 30 години на Балканот е под сериозен ризик. Одлуката донесена од парламентот на ентитетот на Република Српска е погрешна, опасна и неуставна“, рече Чавушоглу пред турскиот парламент.
Идејата за воведување санкции на Додик има поддршка меѓу членките на ЕУ, но на неа се спротивставуваат Унгарија и Словенија, а за таква одлука е потребна едногласност.
„Направивте сè да ја замразиме БиХ“
САД претходно воведоа санкции за Додик, вклучително и забрана за влез во земјата и замрзнување имот и се заканија дека ќе ги прошират санкциите доколку Србите во БиХ продолжат да ги слабеат централните државни институции.
Додик, по повод повикот и заканата со санкции и укинување на инвестициите, рече дека РС ќе преземе контрамерки.
– Ако Германија воведе санкции, ние ќе возвратиме. Не сум слеп да не знам што се Америка и Германија. Но, мојата порака е – претерано реагиравте. Направивте сè за да ја замразиме БиХ, а ние никогаш не ја сакавме – рече Додик.
Тој ги отфрли обвинувањата дека граѓаните или целата Република Српска може да бидат во неволја, додавајќи дека не е загрижен.
Три народи, една федерација
Поминаа 26 години откако поранешните лидери на таа земја, Хрватска и на Србија – Алија Изетбеговиќ, Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ, во Париз официјално го потпишаа Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, попознат како Дејтонски договор. Со тој договор заврши војната во Босна и Херцеговина, а беше дефинирана и поделбата на државата според клучот – 51 отсто од територијата и припаѓаше на Федерацијата БиХ, а 49 отсто на РС. Предвидено е и формирање на округот Брчко, што беше договорено од контакт групата.
Мировниот договор ја дефинираше уставната и правната организација на Босна и Херцеговина како сложена држава, составена од два ентитета и три конститутивни народи. Главен орган во толкувањето на договорот е Канцеларијата на високиот претставник во таа земја.