Дебарскиот регион остана без струја поради силното невреме

Невреме со обилен дожд, ветер и силни електрични празнења, вечерва го зафати регионот на Дебар, што предизвика прекин во напојувањето со струја на целото подрачје.

Причина за прекинот беше испадот на 35 киловолтна доводна склопка на регулационен трансформатор во Хидроелектраната „Шпилје“. Екипите на ХЕС „Црн Дрим“ успешно го решија проблемот за кратко време и покрај лошите временски услови во поширокиот дебарски регион.

Без струја повеќе од еден час беа потрошувачите од општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.

Досега нема пријавени штети, сообраќајот во регионот се одвива по влажни коловози, но се препорачува голема внимателност поради честите одрони од камен и земја. Екипи на дебарската секција на јавното претпријатие за одржување на регонални и макистрални патишпта се постојано на терен во расчистување на истите, изјави Фемија Ајроски, раководител на Регионалниот ЦУК-Дебар.