Дебата „Државите и пазарот на капитал“

дебата

Тоа го оцени денеска Ханес Такач, помошник директор на Оддел за локална валута и развој на пазарите на капитал во Европската банка за обнова и развој, учесник на денешната конференција „Државите и пазарот на капитал“, во организација на Македонската берза и бизнис магазинот „Економија и бизнис“.

Учесниците на конференцијата ќе дискутираат дали Берзата може да го пополни јазот во финансирањето односно да послужи како посредник во финасирање на компаниите од нивниот почеток од основањето па се до нивниот развој, за што, според Такач, е многу важно да се добие поддршката од државата.

– Мора  да постои координирана акција помеѓу државните институции и приватниот сектор,  односно пазарот на капитал. Преку  разни студии се покажува дека развиениот банкарски сектор со поддршка од државата може навистина  да биде голем поттик за развој на пазарот на капитал и на економијата воопшто. Мислам дека веќе постојат добри практики од држави  кои се со различни големини и коишто се наоѓаат во различна фаза на својот економски развој, изјави Такач.

Професорот Томе Неновски од Универзитетот Американ колеџ посочи дека  во Македонија нема избор на инструменти за да може да бидат атрактивни на Берзата и оти е неопходна демократизација на финансискиот пазар.

Мометно, посочи Неновски, имаме доминација на државните хартии од вредност, а населението, фирмите и банките се ориентирани кон  државните хартиии од вредност, благајнички записи, државни записи и обврзници. – Населението, а пред се фирмите, ја немаат атрактивноста на исцртување на долгорочна линија или графикон на принос, едноставно кај нас го немаме она што го имаат  развиените берзи за да видиме што ќе не чека по три или пет години ако инвестирам во таква хартија од вредност. Тоа е нешто што во наредниот период треба да го развиеме. Во целина земање учество на сите фактори на чело со државата и нејзините институции со зголемување на бројот на инвеститори или со т.н демократизација на финансискиот пазар, изјави Неновски.

Демократизацијата, како што појасни,  подразбира зголемен број хартии од вредност, односно инструменти, учесници и посредници, пазар на формирање каматни стапки, но да не се дозволи да се претвори во анархија. Во таа смисла, рече Неновски, регулаторот  треба да ги зацврсти поставените правила на игра и да нема злоупотреби и  инсајдерско тргување.

Според главниот извршен директор на Македонска берза Иван Штериев, по 25 години пазарна економија  во Македонија треба да се направат дополнителни напори приватниот сектор финансирањето  на својот развој да не го базира само на кредити, туку  да дојде  до формирање на поголема капитална база која ќе придонесе компании да работат поуспешно, да дојде до раст на БДП и на вработувањата.

– Развојот на пазарот  на капитал е долг процес, нема краткорочни и лесни поместувања на работите, врзано е со менталитетот на бизнисите, со сигурноста и одржливоста на правниот систем и потребните подобрувања. Доаѓа до некои чекори за подобрување во регионот, кај нас можеби поспоро, изјави Штериев.

Како што информира, до крај на годинава и берзите од Љубљана и Белград ќе се вклучат во платформата што ја иницираше Македонска берза, во која се берзите од Бугарија, Македонија и Хрватска. – Одреден број трансакции се веќе склучени преку оваа платформа, тоа не е голем број, но е во рамки на нашите очекувања, рече Штериев.