фото: МИА
Денеска започна првата од серијата предвидени дебати за предлог- концепт закон за сурогат мајчинство. Министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека дебатата повеќе ќе се одвива за правниот и етичкиот аспект на сурогат мајчинството, односно акцентот ќе биде ставен на психолошкото и правното советување на сурогат мајката, но и психолошко советување на брачните партнери. Само маж и жена кои се во брак, ќе можат да поднесат барање за сурогат мајчинство и тие ќе имаат родителско право врз детето. Сурогат мајката може да го има тоа право, во случај на смрт на подносителите на барањето за сурогат мајчинство.
„Сурогат мајката треба да биде психо-физички здрава и да биде постара од 21 година. Национална комисија во која ќе членуваат лица со искуство и на кои претходно ќе им биде извршено психолошко и тестирање за интегритет, ќе вршат правно и психолошко советување на сурогат мајките,“ изјави министерот Тодоров.
Засега се планираат два концепти на сурогат мајчинство алтруистичко и комерцијално. Но, кај нас повеќе ќе се оди на алтруистичко сурогат мајчинство.Ќе бидат покриени и трошоците на сурогат мајката за време на бременоста, односно трошоци за правилен начин на исхрана, лекови, прегледи, не земајќи ги предвид трошоците за прегледи и породувањето. Во овој дел ќе има ограничувања во однос на исплатата на средствата, односно нема да биде поголема од една просечна плата. Брачната двојка ќе го покрие трошокот за породувањето на сурогат мајката која ќе избере дали ќе се породи во државна или приватна болница.
За да се избегне сурогат мајчинството да прерасне во т.н бизнис односно одредени жени да живеат од тоа, една жена може само еднаш да биде сурогат мајка.
Брачните партнери ќе можат да поднесат барање за сурогат мајчинство, доколку кај жената има одредена вродена или стекната аномалија или пак имале три неуспешни ин-витро фертилизации.
Според статистиката во Македонија од 10 до 12 девојчиња се раѓаат со вродени аномалии, а 350-450 жени имаат одредени аномалии во репродуктивниот период.
Министерот Тодоров потенцираше дека ќе има сериозни законски санкции доколку нема да се почитуваат одредени одредби од законот кога ќе биде донесен.Санкции се предвидени и ако брачната двојка и даде пари на сурогат-мајката.
Меѓу развиените земји каде што се применува сурогат мајчинството се Англија, Белгија, Русија, САД, а не се применува во Германија и Фрнација.