За потврдување на ефектите од канабисот потребни се строго дефинирани дополнителни клинички студии со кои ќе се потврди терапевтскиот ефект и користење во строго дефинирани индикации. Медикаментите на база на канабис засега даваат резултаити само во симптоматската терапија.
Ова денеска го констатираа доктори-специјалисти од различни медицински области, како и фармацевти, претставници на граѓанскиот сектор и граѓански здруженија на јавната дебата на тема „Примената на индискиот коноп и канабиноидите во медицински цели“.
Министерот за здравство Никола Тодоров на отворањето на дебатата, а во контекст на употребата на канабисот во Европа информира дека минатиот месец, вкупно 13 земји од ЕУ овозможиле употреба на канабисот во медицински цели, меѓу кои, како што наведе, се Чешка, Финска, Романија, Италија, Шпанија, Холандија, Франција, Австрија, …
– Секоја од наведените земји е потписничка на Единствената конвенција на Обединетите Нации за опојни дроги од 1961 година, Конвенцијата на ОН за психотропни супстанции од 1971 година, Конвенцијата на ОН против недозволен промет и психотропни супстанции од 1988 година. Воедно, на овие конвенции е потписничка и Република Македонија, истакна Тодоров.
Министерот го поздрави присуството на доктори-специјалисти од различни медицински области кое, како што рече, ќе овозможи од повеќе различни аспекти да се согледаат можните бенефити и ризици од примената на индискиот коноп и канабиноидите во медицински цели.
Доктор Дарко Крстевски од Центарот за превенција и третман на зависници од дрога при ГОБ „8 Септември“, истакна дека пред се потребно е да се направи разлика меѓу корисниците на дрога кои употребуваат канабис и лицата кои го користат за лекување. Потенцира дека иницијативата за употребата на канабисот не произлегува од корисниците на дрога, туку од пациентите. Според него, од маслото од канабис во Македонија нема да има зависници.
Игор Кузмановски од Клиниката за нефрологија појасни дека досега легислативата околу одобрувањето за користење на препаратите од марихуана се единствено кај најтешките и хроничните болни каде што има одобрување за користење за медицински цели но, потенцира, не за излекување, туку како само симптоматска терапија.
– Најчето се користи кај болеста мутиплекс склероза како симптоматска терапија за третирање на мускулниот грч каде што дефинитивно помага, и во редукција на централната болка, како и со проблемите со мочниот меур. Тоа се единствените три симптоми каде што помага медицинската марихуана, додаде Кузмановски.
Дебатата ја организираа Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, а е иницирана од најновите научни и медицински сознанија за употребата на канабисот во медицински цели.