Пратениците и во попладневниот дел од продолжението на 104-тата собраниска седница во вторникот продолжија со дебатата за Предлогот за разрешување на министри и заменици-министри од Алтернатива, односно за разрешување на министерот за здравство Беким Сали. Дебатата ќе продолжи в среда во 12 часот.
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање рече дека станува збор за разрешувања кои немаат врска со програмата на Владата која беше предложена пред само една година, туку имаат за цел и се поврзани со партиските пазарења.
„Тие наликуваат на ‘Пазар 3’ – понуда, побарувачка, односно кој побарува повеќе, кој ќе понуди повеќе. На тој начин се составува и реконструира оваа Влада. Се пазарите на грбот на македонскиот народ“, рече Лефков.
На крајот на денот, додаде, сметката за вашата неспособност ја плаќаат граѓаните.
Во реплика Соња Мираковска од НСДП му порача дека ова не е време на ВМРО-ДПМНЕ, туку на храбри политичари кои носат храбри одлуки во интерес на граѓаните.
„Тука сме за да го одработиме она што го ветивме. Оваа реконструкција е за европската иднина„, посочи Мираковска.
На тоа, во контрареплика Лефков и рече дека можноста да се одлучува за народот се исцрпува на избори.
Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека и да се изгласа оваа влада, како што рече, привидното мнозинство нема да може да овозможи нормално работење на Собранието. Тоа, додаде, ќе го видите за две до три недели од изгласувањето на владата.
„Таравари нема ништо да ви донесе повеќе од она што веќе го иматеР, рече Лашкоска.
Фадил Зендели од БЕСА во својот говор рече дека БЕСА ќе остане опозициска партија се додека на е се одржат наредните избори, без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни.
„Цениме дека денеска не е време да се разговара за разрешување на министри, туку е време да се оди на предвремени избори, бидејќи Владата потфрли во обезбедувањето добар стандард на нашите граѓани, а нема ни резултати во областа на владеењето на правото и корупцијата. Не може да кажеме дека сте за европски принципи, туку се работи само за математика и бројки. Имаме само влада која сака да преживее и да купи време. Не е време да имаме таква влада, туку влада со целосен капацитет, посочи Зендели.
По неговото излагање имаше серија реплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во кои го поддржаа неговото тврдење. Во 18 часот потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за следниот ден во 12 часот.