Новата препорака од Комисијата за заразни болести е дека без разлика на возраста на детето, ако примило вакцинација од три дози на дитепер, може да оди во градинка, но во наредните шест месеци, мора да биде ревакцинирано.
Состојбата со големата кашлица не е стабилна рече претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.
Беше нагласено дека ако се продолжи со невакцинација на децата, возрасните ќе бидат донесени во ризик.
„Состојбата не е добра и не е стабилна, а во оваа состојба сме се довеле поради долги години наназад неодговорно однесување на граѓаните. Поразителен податок за државата е податокот за 50 отсто невакцинирани деца. Имаме научна поткрепа дека имунизацијата со трите дози помага. Ние сме пред прагот на нов пожар. Можно е следните недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки, зависно од комисијата“, рече Петличковски.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од понеделникот почна со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се имунизирани со вакцината ДТП откако Министерството за здравство ги прифати препораките од последната седница на Комисијата за заразни болести.
Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно е поразувачки, оцени директорката на ДСЗИ која порача дека ќе ги контролираат и приватните градинки.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица.
Најголем дел од случаите се во Скопје – 43, а пријавени се и три случаи во Тетово и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години