Нутриционистката Полин Кокс предупреди дека прекумерното консумирање шеќер може да доведе до мноштво проблеми кај децата и возрасните, па затоа родителите треба да бидат внимателни за време на Велигден.
„Премногу шеќер во исхраната на нашите деца, не само што го зголемува ризикот од сериозни хронични здравствени проблеми како што е дијабетес тип 2, туку и од проблеми во однесувањето и расипување на забите“, изјави таа.
Нејзината колешка Рејчел Кетлвел, експерт за исхрана на децата, наведува дека храната не треба да се означува како лоша, туку да се најде рамнотежа.
„Бројот на дебели деца расте. Велигден е фантастична можност да ги научиме децата за тоа што има во храната што ја јадат, од каде доаѓа и за влијанието на различниот избор на храна врз нивните тела“, истакнува Кетлвел.
Според Кокс, храната класифицирана како богата со шеќер содржи над 22,5 грама шеќер на 100 грама, додека храната со малку шеќер има помалку од 5 грама.
Со други зборови, типично велигденско чоколадно јајце од 500 грама содржи 56 грама шеќер на 100 грама.
Според упатствата на Националната и здравствена служба на Велика Британија, децата на возраст од 7 до 10 години не треба да јадат повеќе од 24 грама шеќер дневно. За деца на возраст од 4 до 6 години, се препорачува дневната доза на шеќер да не надминува 19 грама, додека за деца под 4 години нема упатства, но се препорачува да избегнуваат засладени пијалоци со шеќер и храна со додаден шеќер што е можно повеќе. Затоа, во ред е да се почестат со чоколадо, но умерено.