Децата од СОС детско село ќе добиваат поголема помош

Државата ќе обезбеди поголема помош за децата сместени во СОС детско село. За оваа намена Министерството  за труд и социјална политика ќе издвојува по три милиони денари годишно.

Дваесет и осум деца и млади на 14-годишна возраст без родители и родителска грижа сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка ќе добијат помош и поддршка од државата. Ова се предвидува со Меморандумот што денес беше потпишан меѓу Министерството за труд и социјална политика и СОС Детско село.

Спасов: со Меморандумот се интензивира соработката

За оваа намена Министерството ќе издвојува по три милиони денари годишно. Претходно, Министерството и Владата се обврзаа на целосна финансиска подршка на сите СОС згрижувачки семејства, тогаш вкупно 12, за што се издвојуваат околу шест милиони денари годишно.

– Со потпишувањето на денешниот Меморандум, ја надградуваме и интензивираме досегашната соработка во делот на згрижување на деца и млади над 14-годишна возраст преку формата на вонинституционална заштита – организирано живеење со поддршка за деца без родители и родителска грижа. При тоа МТСП ќе ги надоместува месечните трошоци за 28 деца и млади сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка, рече по потпишувањето на Меморандумот министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Додаде дека најголемо добро кое може да се направи за едно дете кое не по своја вина останало без родителска грижа и љубов е да му се дозволи да живее и расте со чувство на заедништво и припадност. Токму таа грижа заснована на семеен модел, рече, им овозможува да се оформат во здрави личности кои утре ќе бидат потготвени целосно да ја преземат контролата и одговорноста за сопствениот живот.

– Затоа како Министерство за труд и социјална политика кое ја има должноста да им го подобрува животот на овие деца, силно ја подржуваме формата на згрижувачко семејство, бидејќи таа е најхуманата, најсоодветната форма до биолошките семејства кои што нудат вистинска грижа и заштита на децата без родители и без родителска грижа и на децата со пречки во развојот, потенцира Спасов.

Тие, рече, можеби ја немаат родителската грижа, но не имаат сите нас, како поединци, институции и државата.

Зголемен паричниот надоместок за згрижување деца без родители

Според него, потврда за заложбите за што поголем број на згрижувачки семејства, а и за поголеми можности за оние 180 згрижувачки семејства кои веќе згрижуваат 296 деца е и зголемувањето на паричниот надоместок за згрижување деца без родители и родителска грижа за 25 проценти.

Соработката со СОС Детско село препознаена како установа за долгорочна грижа, според министерот за труд и социјална политика, е многу пати потврдена и реализирана низ различни форми и начини.

Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско истакна дека овие младинци веќе имаат предуслови да бидат успешни, со оглед на, како што рече, поддршката што оваа институција ја дава, но и мерките кои ги реализира Владата на Република Македонија.

Овој начин на вонинституционално згрижување на децата, потенцира, треба да овозможи квалитетна грижа по стандардите и практиките кои се меѓународно прифатени како најсоодветни и најдобри за децата.