Глобалната економска криза влијае и на сиромаштија на децата која нагло порасна и во најголем дел од богатите земји.Дополнителна опасност е и дека ќе се успори и стапката на наталитетот, соопшти денеска Фондот на ОН за деца (УНИЦЕФ).
УНИЦЕФ ја спореди стапката на сиромаштија на децата во 2008 и во 2012 година во повеќе од 40 најбогати држави во светот и заклучено е дека за четири години во 23 богати земји, сиромаштијата на децата се зголемила поради финансиската криза.
Земјите на јужна Европа, Шпанија, Грција, Италија, Хрватска како и балтичките земји се подеднакво погодени од сиромаштијата, додека Ирска, Исланд и Луксембург каде што е рецесија, има најголем раст на сиромаштијата на децата, се наведува во извештајот.
„Во повеќе од 40 богати земји, живеат 76,5 милиони сиромашни деца,“ наведува УНИЦЕФ оценувајќи дека причина за тоа е се полошата финансиска ситуација на семејствата, чиишто членови постојано губат работа или ја бараат.
Од 2008 година се зголеми процентот на семејства кои немаат пари да купат месо, пилешко или риба двапати неделно. Најзагрозени се Грција, Естонија и Италија.
УНИЦЕФ наведува дека ниту младите не се задоволни од ситуацијата. За 30 отсто е зголемен процентот на младите од 15 до 24 години кои не можат да студираат и кои не работат. Најпогодени држави се Хрватска, Кипар, Грција, Италија и Романија.