Од утре децата со примени три дози од ДиТеПер вакцината се враќаат во градинките. Одлуката на министерството за здравство доаѓа по препораката на Комисијата за заштита од заразни болести од минатата недела, која ги олесни епидемиолошките мерки, но под услов да се прими ревакцината во рок од шест месеци.
Лекарите сепак потенцираат дека само со три дози децата немаат доволна заштита и апелираат родителите да ги вакцинираат согласно календарот за вакцинација.
„Комплетна имунизација според имунологија и според сите стандарди е вакцинација со три дози и бустер доза односно прва засилувачка доза – тоа е првата ревакцина, меѓутоа после секоја доза се создава две недели од вакцинирањето одреден имунитет којшто со секоја наредна доза се засилува така што после секој доза вакцина во одредено временско растојание има заштита се додека не се прими втората па третата и ревакцината, практично таа го засилува имунолошкиот одговор.“ – вели д-р Сања Цилевска специјалист педијатар во вакцинален пункт „Поликлиника Букурешт“.
Рестриктивните мерки на здравствените власти ги наполнија вакциналните пунктови. Интересот за вакцинирање и натаму е голем, но Скопје се уште брои деца кои што треба да ја комплетираат вакцинацијата против пертусис.
Последните епдиемилошки оценки се дека состојбата со пертусис во земјава не е добра. Најновиот извештај на институтот за јавно здравје покажува дека бројката на заболени од голема кашлица во Скопје надмина двесте. Истовремено алармантно низок е и опфатот со МРП вакцината.
Епидемиолозите стравуваат од нова епидемија и на морбили. Од Комисијата веќе алармираа дека доколку земјава се соочи со две епидемии истовремено, тоа ќе значи нова здравствена криза, но и поригорозни мерки.