Децата во градинките ќе се згрижуваат согласно потребите на родителите

Новото работно време во градинките се однесува само на вработените во установите кои треба да ја применат Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа, а не и на времето за престој на децата во јавни установи за деца/детски градинки, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

До Министерството за труд и социјална политика стасуваат соопштенија дека во одредени јавни установи за деца/детски градинки се вршат анкети во кои родителите се анкетираат дали нивното дете ќе посетува прва или втора смена од 7 до 14.30 или од 14:30 до 21:30.

Поради тоа Министерството укажува дека децата ќе се згрижуваат во текот на денот согласно со потребите на родителите.

„Двосменското работење подразбира дека опфатот и згрижувањето на децата во јавните установи за деца/детските градинки ќе биде како и до сега од 5:30 часот наутро до 22:00 часот навечер, како и во првата сабота во месецот.

Апелираме до вработените и директорите на јавните установи за деца/детските градинки да не ги манипулираат родителите и да не ги ограничуваат со стриктно временско згрижување на децата!

Директорите се задолжени од страна на МТСП да ја спроведат Одлуката на Владата на РМ и согласно истата и потребите на родителите да го организираат работењето на установата“, се наведува во реакцијата на Министерството за труд.