Убиството на 46-годишен маж во селото Дросеро кај Ксанти во Грција довело до одмазда меѓу две ромски семејства по што во понеделникот вечерта биле ограбени и запалени куќите на убиецот и на брат му.
Според грчкиот медиум Xanthipost.gr, откога претходно ја ограбиле куќата на осомничениот убиец, членовите на семејството на убиениот ја запалиле неговата и куќата на брат му, а снимката од пожарот ја објавиле на социјалните мрежи.
Пожарникарите и полицијата околу полноќ пристигнале во селото за да ги изгаснат пожарите. Како што се наведува, имало многубројни инциденти меѓу двете семејства во селото, а семејството на жртвата фрлало со камења и други предмети кон куќата на убиецот.
Полицијата се обидела да спречи ескалација на конфликтот меѓу семејствата, а за убиството на 46-годишниот маж уапсени се вкупно четири лица.
Според локалните медиуми, убиството се случило во неделата на 19 март кога четворица мажи, татко со два сина и зет, упаднале во куќата на жртвата поради тепачка за млада жена.
Според мештаните, 46-годишниот маж, кој бил дедо на 15-годишното девојче, го раскинал договорот за да ја продаде својата внука за невеста на синот на убиецот (17). Тој, според написите, си ја продал внуката за 6.000 евра.
Неколку недели по свршувачката на двајцата малолетници, дедото се премислил и си ја однел внуката дома, но не ги вратил парите што ги добил за неа. Придружуван од синовите и зетот, осомничениот упаднал во неговата куќа, влегол во собата во која спиел дедото со сопругата, синот и четирите малолетни внуци и го застрелал петпати во стомакот, пренесуваат медиумите.