Британската премиерка Тереза Меј нема да дозволи во Парламентот да се одржи гласање за Брегзит пред формалното покренување постапка за излегување на Велика Британија од Европската унија, објави денеска „Дејли телеграф“, а пренесува МИА.
Според овој конзервативно-ориентиран весник, Меј на противниците нема да им пружи шанса да ја блокираат одлуката за излегување од Унијата. Таа консултирала правници кои велат дека Меј има овластување да го покрене Брегзит и без одобрување на Парламентот.
Повеќето од 650 пратеници се за останување на Британија во ЕУ.
Резултатот од референдумот не е правно обврзувачки и противниците на Брегзит тврдат дека избраните пратеници треба да ја преиспитаат оваа одлука пред да почне процесот.
Референдумот за ЕУ беше одржан на 23 јуни, но британската премиерка нема да го активира Членот 50 со кој почнува постапката за излегување од ЕУ до крајот на годината, со цел да има време да подготви излезна стратегија.