Британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис изјави во Лондон дека Велика Британија ќе и го плати на ЕУ она што според законот е коректно, но дека нема да плати толку колку што сака Унијата.
Во интервју за британската Ај-Ти-Ви телевизија, Дејвис рече дека Велика Британија ги испитува сите права и обврски што ги има кон ЕУ, но не се впушта во изнесување бројки околу цената на „разводот“ со Унијата, забележувајќи му на Брисел дека во овој период пред почетокот на преговорите, се однесува „тврдо“.
– Ништо засега не може да се каже колкав ќе биде крајниот износ, зашто, сепак станува збор за преговори. Различни бројки се споменуваат, дури и 100 милијарди евра, но толку сигурно нема да платиме, изјави Дејвис.
Претходно, европските и британските медиуми споменуваа износи меѓу 50 и 60 милијарди евра, но најновата бројка од 100 милијарди првпат ја спомена лондонски „Фајненшл Тајмс“ врз основа на најновите проценки и економски анализи.
Весникот тврди дека прашањето за конечната сметка за „разводот“ на Брисел и Лондон, сигурно ќе биде најтешко во преговарачкиот процес и навестува дека одделни земји членки на ЕУ би можеле да постават дополнителни свои сметки што би ја зголемила конечната цена.
Франција и Полска би можеле да побараат од Велика Британја да ги врати средствата за субвенции што од фондовите за аграрот на ЕУ се префрлени на британските фармери, а Унијата би можела да не прифати Лондон да учествува во распределбата на европскиот имот, вклучувајќи ги зградите на ЕУ и банкарските депозити.
Реакцијата на Дејвис, еден од главните предводнци на кампањата за Брегзит пред минатогодишниот референдум за ЕУ, доаѓа непосредно пред најавеното објавување на редоследот на темите и прашањата на главниот преговарач на ЕУ за истапувањето на Велика Британија, Мишел Барние.
Не се очекува тој притоа да се впушти во изнесување на какви било бројки и сметки околу „разводот“.
Дипломати во Брисел изјавија за лондонските медиуми дека ЕУ нема повеќе да влегува во јавна расправија со британските политичари околу Брегзит, како и околу конечната пресметка за раздружувањето.
Велика Британија се наоѓа во кампања за предвремените парламентарни избори, па Брегзит е темата за која владините министри и политичарите од владејачката Конзервативна партија сакаат да зборуваат и најчесто да и праќаат закани на Унијата.
Функционер на партијата, пред два дена уверуваше дека ќе престане караницата со Брисел за изборни потреби, но лидерката на партијата и британска премиерка Тереза Меј искористи една предизборна средба за да му прати заканувачка порака на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.
Одговарајќи на неговата забелешка по минатонеделната средба во Даунинг стрит 10 со Меј и нејзините министри дека сега е „многу помалку оптимист од порано“, премиерката вчера возврати дека Јункер допрва ќе открие колку може да биде „жестоко тешка жена“.