Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина ги отвори  јубилејните 10-ти „Денови на ветеринарна медицина 2024“: Студентите се иднината на ветеринарната професија

Преку надминување на предизвиците и постојаното стремење кон иновации и подобрувања, „Деновите на ветеринарната медицина“ низ годините прераснаа во значаен форум за размена на знаење и искуства како единствена платформа за презентирање на најновите научни откритија, иновации и идеи кои се од суштинско значење за напредокот на ветеринарната професија, рече Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје проф. д-р Деан Јанкулоски на вчерашното отворање на јубилејните 10-ти „Денови на ветеринарна медицина 2024“ и 2-рата конференција на ветеринарна и медицинска едукација, кои се одржуваат во Охрид.

Тој ги поздрави гостите од факултетите за ветеринарна медицина од Европа и посочи дека размената на искуства и иновации, меѓу институции, вработени и студенти поставува основа за зајакнување на научната и образовната соработка и воспоставување неопходни мостови за наставната, научната и истражувачката активност, во чекор со современите светски трендови.

-Пред се студентите се иднината на ветеринарната професија. Оваа година, за првпат, организиравме посебна сесија посветена на ветеринарната медицинска едукација, отворајќи ново поглавје во дискусијата за тоа што треба да учат студентите по ветеринарна медицина и како да се интегрираат најновите достигнувања во оваа област. Посебно е значајно да се истакне дека во ноември претстои превизитација од Европската асоцијација на ветеринарни факултети (EAEVE). Оваа активност не само што ја нагласува нашата посветеност кон високите стандарди и квалитетот на нашите студии, туку претставува и клучен чекор кон полноправно членство на нашиот факултет во EAEVE. Дополнително, ќе се осврнеме на иднината на ветеринарната професија во контекст на меѓународните стандарди и предизвиците што тие ги носат, додаде Деканот.

Според Јaнкулоски клучна е соработката со  Агенцијата за храна и ветеринарство за исполнувањето на стратешката цел за усогласување со највисоките стандарди во безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, согласно стандардите на Европската Унија.

-Климатските промени, на кои сме сведоци, значително го зголемуваат ризикот од појава на заразни болести кај домашните животни, од кои некои веќе се присутни во нашиот регион, додека други се сосема нови и непознати за нашето поднебје. Ветеринарната медицина има клучна улога во спречувањето на овие болести, кои претставуваат ризик не само за животните, туку и за јавното здравје, безбедноста на храната и економската стабилност. Со оглед на тоа што овие болести често се пренесуваат од животни на луѓе, потребни се напредни дијагностички алатки, ефективни вакцини и стратегии за контрола и превенција. Нашата способност да иновираме и да се адаптираме во оваа област е од критично значење за заштита на населението и животната средина. За да се одржи тој чекор, неопходно е постојано да го ажурираме нашето знаење, да развиваме нови дијагностички методи, да применуваме иновации во превенцијата и третманот на болестите и да ја засилиме меѓународната соработка, што е суштински аспект за унапредување на здравјето на животните и луѓето, потенцираше Јанкуловски.

Според д-р Оливер Миланов, в.д. Директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, науката и примената на современата научна мисла и обезбедувањето на соодветна регулаторна рамка за научните институции е во фокусот на Агенцијата, во рамки на обврските кои ги имаме како институција и од областа на јавното здравство, а со тоа и во вршењето на основната функција – заштита на здравјето на граѓаните.

-Заедничките активности на нашата институција и науката, соработката со ветеринарните служби од регионот организирани преку реномирани светски организации од областа на ветеринарството и безбедноста на храната и учеството на вработените од Агенцијата во меѓународните организации за ветеринарство и безбедност на храната, се реален показател за тоа дали и колку граѓаните, сточарството во секоја од државите и прехранбената индустрија во целина ќе бидат заштитени од постоечките, но и од нови кризи, ризици и закани во областа на безбедноста на храната и здравјето на животните, истакна Миланов.


Како што посочи тој унапредувањето на соработката во овие области преку размената на експертски искуства, ќе добие нов импулс во областите на здравје на животните и јавното здравје, безбедноста и хигиената на храната, употребата на антибиотиците и борбата со антимикробната отпорност, благосостојбата на животните и животна средина, како и теми поврзани со ветеринарната и хуманата медицина.

-Алиментарните инфекции и интоксикации, резидуите од ветеринарно – медицински препарати, резидуи од пестициди и контаминенти, здравствената заштита и благосостојбата на животните, заштита на растенијата и безбедноста на храната во целина, се предизвици пред кои секојдневно сме исправени сите заедно – науката, институциите, граѓаните и самите одгледувачи. Токму затоа, соработката е клучна, а тоа многу пати го имаме потврдено како институција. Ова особено го нагласувам заради наученото од минатото со справувањето на болестите кои за нашиот регион беа непознато – пред се африканска чума кај свињите, чума и сипаници кај мали преживари, болеста син јазик, западно – нилската треска, чвореста кожа. И тогаш кога станува збор за соработка со науката, со бизнис заедницата, невладиниот сектор, но и со непосредните производители, од каде што се почнува, додаде Миланов.



Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМС) постојано ги следи најновите трендови за дијагностика и третман на животните, па во таа насока по повод Денови на ветеринарна медицина 2024, токму затоа докторите по ветеринарна медицина учествуваа на интерактивната и практичната работилница за „Ултразвучна дијагностика на абдомен и ехокардиографија во мала пракса“ предводена од еминентниот хрватски специјалист Томислав Брајко.