Декларација на СМК и Македонски манифест во врска со Договорот за добрососедство со Бугарија

Организациите Светски македонски конгрес и Македонски манифест, загрижени за историската опстојба на македонската држава и македонската нација, во понеделникот ја објавија Декларацијата во врска со Договорот за добрососедство со Бугарија и најавата за заедничко македонско-бугарско одбележување на Илинден

Со цел продлабочување на македонско-бугарската соработка и унапредување на добрососедските односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија врз основа на историската вистина, споменатите две организации објавуваат дека:

(1) Изразуваме загриженост од намерата на Владата на Македонија за склучување на договор за добрососедство со Бугарија со далекусежни импликации по јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ и по државноста на Македонија.

(2) Сметаме дека Договорот со Република Бугарија е против добрососедството со Република Македонија, затоа што Софија: не ги признава македонскиот народ и македонскиот јазик; не ги признава Македонците во Бугарија и ги суспендира нивните права и слободи; инаугурира “заедничка“ македонско-бугарска историја со негација на македонската историја; ја прокламира Македонија како “втора бугарска држава“; имплицира ревизија на македонската историја во македонските учебници и литература; и утврдува заедничко македонско-бугарско одбележување на значајни датуми, настани и личности од историјата на Македонскиот народ како бугарски!

(3) Отфрламе Договор со Бугарија на антимакедонски основи и го сметаме за штетен по националните и државните интереси на Македонскиот народ и на Македонија!

(4) Македонците во татковината и во светот никогаш нема да прифатат договор со Бугарија на антимакедонски основи, за Македонците таков Договор засекогаш ќе биде ништавен и неважечки!

(5) Потсетуваме дека 2 август е Ден на државноста на Македонија и национален празник на македонскиот народ, а не бугарски национален празник!

(6) Отфрламе заедничко македонско-бугарско чествување на 2 август – Денот на државноста на Македонија и национален празник на Македонскиот народ, и бараме и натаму самостојно одбележување на Илинден како и досега, притоа не мешајќи се во одбележувањето на бугарскиот национален празник 3 март, којшто за Македонците и за Македонија е окупаторски, а Софија го слави како празник на Санстефанска “Голема Бугарија“ во чии граници била и Македонија врз основа на Мировниот договор кој не се реализирал а траел само три месеци од неговото потпишување на 3 март 1878 година во истанбулското село Сан Стефано, како крај на војната меѓу Руското царство и Отоманската империја 1877/1878 година!

(7) Ја осудуваме агресивната антимакедонска политика на Софија и декларацијата за Македонците во Македонија и во светот како Бугари, што претставува груба повреда на меѓународното право, Универзалната декларација за човековите права и слободи и Повелбата на Обединетите Нации, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото!

(8) Предлагаме македонско-бугарско помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но врз принципот на еднаква сувереност, што подразбира заемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес и немешање во внатрешните работи.

(9) Бараме сите билатерални договори меѓу Република Македонија и Република Бугарија да бидат склучени на “македонски јазик и бугарски јазик“, а не на “службените јазици утврдени со уставите на овие држави“, бидејќи Македонскиот народ и Македонскиот јазик не се создадени со Уставот од 31 декември 1946 година, ниту со Уставот од 17 ноември 1991 година.

(10) Бараме унапредување на положбата и правата на Македонците во Бугарија според највисоките меѓународни стандарди за човекови и граѓански права и слободи: право на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик, како и право на собир и здружување, слобода на мислата, јавното изразување на мислата и слобода на движењето.

(11) Бараме регистрација на здруженијата и партиите на Македонците во Бугарија и примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со тоа!

(12) Македонците заедно со бугарските партизани го победија бугарскиот фашизам во Втората Светска Војна и ја ослободија Бугарија, се вградија во темелите на државноста на Бугарија и ним им следат правата и слободите како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните!

(13) Бараме Владата во Софија да се извини за Макаедонците жртви на бугарскиот фашизам во Македонија за време на Втората Светска Војна.

(14) Бараме реституција на сите ракописи и артефакти во Бугарија украдени од Македонија, бараме враќање на скапоцената митра која Охридскиот Архиепископ Јосиф во 18 век ја добил на подарок од Венеција!

(15) Оваа Декларација се доставува до: Претседателот, Собранието, Владата и парламентарните партии на Република Македонија; Преседателот, Парламентот и Владата на Република Бугарија; претседателите, парламентите и владите на земјите членки на Европската Унија, НАТО и ООН; како и до ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО, Евроазиската унија, БРИКС и ООН!