Дел Боске: Групата и не е така лесна

Веднаш откако ги дозна своите противници во квалификацискиот циклус за престојното ЕП 2016 година во Франција, а меѓу нив е и фудбалската репрезентација на Македонија, селекторот на актуелниот светски и европски шампион, Винсенте дел Боске изјави дека неговиот тим нема да игра во лесна група но додаде дека е среќен поради гостувањето во Украина.

„Грешат тие кои мислат дека Шпанија има добиено лесна група. Не е така. Ќе играме против незгодни репрезентации, против репрезентации кои се составени од помлади и физички силни фудбалери. Исто така, можно е да имаме голем проблем и со временските услови. Не е лесно да се игра во источниот дел од Европа. Патувањата ќе бидат долги и напорни, а противникот ќе направи се што е во негова моќ за да не се чуствувам толку комотно или релаксирано на тие гостувања. Украина е можеби најнезгодниот противник во нашата група. Ние ќе мислиме од натпревар во натпревар, ќе бидеме сконцентрирани само на следниот противник и нема никого да потцениме. Се надевам дека ќе се повтори нашето последно гостување во Украина, дека ќе се повтори финалниот натпревар во Киев кога ја одбранивме европската круна. Никогаш нема да го заборавам тој ден”, изјави Дел Боске.

Освен Македонија и Шпанија, во групата “Ц” ќе играат уште репрезентациите на Словачка, Украина, Луксембург и Белорусија.