Дел од пожарите изгаснати, дел се локализирани- нема материјални штети

По иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, а во врска со пожарите во регионот, деновиве беше формиран регионален кризен штаб со кој раководи градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев.

-Со мерките кои беа превземени во изминатите два дена од заседавањето заедно со министрите за внатрешни работи и одбрана на Република Македонија, Панче Тошковски и Владо Мисајловски и градоначалниците од соседните општини, како и со ресурсите кои беа на располагање од АРМ, МВР, ЦУК, ДЗС, ТППЕ од сите општини, Јавните претпријатија, приватниот сектор и воздухопловство и со оние кои беа дојдени на помош од страна, успеа да се изгасне пожарот во Радовиш, Неготино и неготинско, а другите пожари во Штип кај селата Пухче и Селце се под контрола, целосно локализирани и се очекува утре да се изгаснат. Исто така пожарите кај Градско, село Подлес, Росоман кај село Сирково, село Мрзен и Фариш, Чашка кај Горно и Долни Јаболчиште и планина Лисец, се локализирани, под контрола и истите се очекува утре целосно да бидат изгаснати.

Голема благодарност за максималната поддршка и брзата реакција од страна на Владата на Република Македонија, до АРМ, МВР, ЦУК и ДЗС, како и до ТППЕ од сите засегнати општини, Јавните претпријатија, нашите жители и градоначалниците кои неуморно и истрајно работеа во борбата против пожарите. Голема благодарност и до нашите пилоти од АРМ, МВР, ДЗС, но и пилотите кои беа на терен покрај нас, од соседните пријателски држави.

Иконка на веб-сајтот

За среќа штетите кои беа предизвикани од пожарите се незначителни, односно немаме изгубено шума од висок карактер, туку претежно грмушки, сува трева и смреки.

И што е најважно, на целокупната територија каде избувнаа овие пожари нема материјални штети, ниту пак последици по домовите и домаќинствата на граѓаните, пишува Јанчев на Фејсбук.