Во ситуација кога ланецот на набавки е отежнат, премиерот Димитар Ковачевски рече дека од 2023 Владата ќе им ги исплаќа субвенциите на земјоделците авансно за да ги добијат кога им се најпотребни. Според новиот модел за субвенционирање, за тоа ќе бидат потребни плус 15 милиони евра. Однапред платените субвенции ќе изнесуваат 30 отсто.
– Земјоделците добиваат авансна исплата тогаш кога им се најпотребни пари. Но нема да има пари ако не прикажат колку произвеле и дека производите ги предале. Фокусот ќе се стави на основните прехранбени производи. На овој начин годинава произведувме пченица на 15.000 хектари, а како пример е моделот со сончогледот чие производство е двојно зголемено, рече Ковачевски.
Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, стариот систем бил без обврска за земјоделците да приложат доказ дека оствариле производство, но како што вели тој, новиот е европски систем, со зголемен број на контроли на терен и без сива трговија.
– Основната субвенција ќе се исплаќа авансно за одржување на земјоделското земјиште во обработлива состојба и ќе ја добиваат сите. Ќе има во 2023 и за сточарството авансно плаќање. Навремено ќе бидат исплаќани и ќе бидат врзани со обработливата површина, истакна Николовски.
Вториот дел од субвенцијата ќе се исплаќа откако ќе се предаде производството кај регистрирани капацитети или ако се користи за сопствено производство на финален продукт со додадена вредност како што е кашкавалот или сирењето.
– Даваме приоритет на важните култури и производи за да обезбедиме помала увозна зависност. За 100 процентна исплата на субвенции, треба да имаат договор со регистрирани преработувачи, додаде министерот.
Тој најави и мерка „бизнис-план“ за продажба, маркетинг и преработка за малите земјоделци. Отворени ќе бидат повиците преку цела година така што земјоделците нема да чекаат и во секое време ќе може да аплицираат за набавка на опрема. Максимален износ ќе биде 600.000 денари по корисник, но само за вистинските земјоделци кои како такви се регистрирани по закон.