![Untitled](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Untitled-8.jpg?resize=696%2C395&ssl=1)
Дисциплинските постапки против двајцата затворски полицајци од затворот во Шутка кои му овозможиле телефон на Васил Јованов (лицето кое ја прегази Фросина Кулакова) се веќе покренати и завршени, информираше денеска директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов на заедничката прес-конференција со директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Пандов нагласи дека по пронајдениот телефон кај Васил Јованов, полициски службеници од Интервентната полиција отишле да направат претрес во притворскиот дел, при што биле пронајдени 70 телефони. Контрола била направена и три дена подоцна, вели Пандов, и во истиот дел од затворот биле пронајдени уште 35 телефони.
За споредба, додаде, Интервентна полиција направила контрола во штипскиот затвор и затворот во Струмица, каде од прилика бројот на затвореници изнесува 110, но, како што рече, таму биле најдени само три телефони.
– Има дел затворски полицајци кои што работат во затворот Шутка кои не треба да носат полициска униформа и го срамат цел затворски систем. Треба да им биде јасно дека сите до еден ќе бидат фатени и ќе бидат избркани од работа. Ќе се потрудам со цел мој авторитет којшто го имам тие да се најдат позади решетки. Во последните акции кои што ги имавме се испостави дека одредени ликови кои иако се наоѓале во затворите биле на чело на нивните кланови и банди со кои командувале внатре од затворите рече Пандов.