Делчево го слави роденденот на Методија Митевски Брицо, еден од најпознатите организатори и учесници во НОБ и патрон на делчевската гимназија која пред точно 60 години го преименуваше името од Јане Сандански во Методи Митевски Брицо. Како што истакна директорката Дијана Цонева повеќе од гордост е што гимназијата го носи името на Брицо кој оставил неизбришлив белег во општествениот економскиот и образовниот развој на градот Делчево.
-Во учебната 1961/62 во Делчево се појави првата средношколска институција во ова подрачје под името “Брака Миладинови”. Името е променето во 1963 во Методи Митевски Брицо. Методи Митевски Брицо е еден од најпознатите организатори и учесници во НОБ. Роден на 15 април 1924г. во Делчево, животот го завршува во 1962г. во водите на Охридското Езеро. Оваа гимназија имаше за цел да образува кадри за понатамошен побрз стопански и општествен развој во оваа подрачје. Бројот на учениците во оваа гимназија постепено се зголемува, а особено од учебната 1975/76 година со воведувањето на повеќе струки. Оттогаш па до денес бројот на учениците е поголем, рече Цонева.
Додаде дека визијата кон која установата се стреми да ја оствари е создавање училиште во кое на учениците ќе им биде понудено квалитетни знаења, услови за развивање на креативноста и истражувачкиот дух и стекнување на самостојност и самодоверба.
-Шеесет и две години постоење е сериозна бројка во која младоста и зрелоста се обединуваат, а продуктивноста е на највисоко ниво. Нашите ученици секоја година учествуваат на многу регионални и државни натпревари каде добиваат голем број награди и признанија. СОУ „Методи Митевски Брицо“ Делчево ја отпочна реализацијата на проектот Чекор по чекор – за професионален развој, во рамките на програмата ЕРАЗМУС +, поддржана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Исто така Методи Митевски Брицо е повторно Суперучилиште во програмата на долгорочно партнерство, со проектот Don’t Give Up, додаде Цонева.
По повод 62 годишното постоење беше организиран пригоден настан на кој меѓу останатото беше доделена благодарница на градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски за поддршката која Општината ја дава за понатамошен развој на училиштето.
За Трајковски претставува посебна гордост што ова училиште редовно учествува на натпревари за иновации, реди награди и признанија и отвора нови можности и перспективи на младите генерации.
-Во моментите кога СОУ „М.М.Брицо“ одбележува 99 години од раѓањето на патронот Методи Митевски –Брицо, како и 62-години од постоењето на оваа образовна институција во Делчево, ќе потенцирам дека делчевската гимназија е нашата гордост. Како единствено средно училиште во градот, СОУ „М.М.Брицо“ во Делчево веќе 62 години успешно ги спојува гимназиската и стручната насока и образова, воспитува и гради генерации и генерации млади луѓе кои утре ќе дадат свој придонес во развојот на нашиот град, држава. Им посакувам успешна работа, уште многу успеси во иднина. Нека е за многу години, рече Трајковски.
Во рамки на Патрониот празник годинава беше отворена изложба во делчевската гимназија, а беа доделени наградите за учениците кои постигнаа одлични резултати на регионалните натпревари.