Членовите на делегацијата на Економската заедница на западноафриканските земји (ECOWASС), допатувала во нигерската престолнина Нијамеј, каде се сретнала со соборениот претседател Мохамед Базум чиешто враќање на должноста го бара блокот, објави радиото Radio France Internationale (RFI).
Според информациите на радиото, на средбата со Базум, особено, присуствувале поранешниот нигериски претседател, генерало Абдусалами Абубакар, кој ја предводи делегацијата, како и шефот на владата формирана од бунтовниците, Али Ламин Зеин.
Во прилогот на RFI се забележува дека на состанокот немало сериозни дискусии, а претставниците на блокот дошле првенствено да се запознаат со условите на притворот на отстранетиот претседател.
Во прилогот на RFI се забележува дека на состанокот немало сериозни дискусии, а претставниците на блокот дошле првенствено да се запознаат со условите на притворот на отстранетиот претседател.
Делегацијата ја започна својата работа со средба со бунтовниците, предводени од генералот Абдурахман Тјани. Членовите на делегацијата ги повикале пучистите да го вратат уставниот поредок во земјата, се наведува во информацијата.
Додека претходните мисии на ECOWAS беа одбиени, делегацијата беше пречекана на аеродромот во Нијамеј во саботата попладнето од премиерот назначен од хунтата и делегацијата требаше да разговара со самопрогласените власти, рекол за Reuters извор од западноафриканскиот блок кој сакал да остане анонимен.
Изворот потврдил дека делегацијата била предводена од поранешниот нигериски воен претседател Абдулсалами Абубакар, како и од претседателот на Комисијата на ECOWAS, Омар Турај.
Претседателскиот портпарол на Нигер, Абдулазиз Абдулазиз, објави фотографија од средбата на делегацијата со Базум.
„По средбата, лидерот на хунтата, генерал Абдулрахман Тјани и делегацијата на ECOWAS во Нигер, вечерва го посетија претседателот Мохамед Базум“, напиша тој на социјалната платформа Х, порано Twitter, но не наведува каков бил исходот од разговорот.
Засега нема коментар од страна на почистите кои го притворија претседателот Базум откако го отстранија од должноста, и покрај меѓународните повици за негово ослободување.
Западноафриканскиот блок се обидува да го поништи воениот удар од 26-ти јули преку дипломатски напори. Со прифаќањето на делегацијата, пучистите сигнализираат потенцијална подготвеност за преговори, откако блокот во петокот се закани дека ќе употреби сила како последно средство за враќање на демократијата, велејќи дека е договорен „Денот Д“ на можна воена интервенција, толкува Reuters .
Но набрзо по средбата со делегацијата на ECOWАS во саботата вечерта шефот на Националниот совет за спас на татковината формиран од пучистите во Нигер, генералот Тјани за телевизијата Al Arabiya изјави дека „секоја интервенција во неговата земја од страна на ECOWAS ќе ја сметаме за окупација“.
Во саботата нигерската телевизија RTN извести дека во нигерската престолнина Нијамеј се одржал состанок на офицерите на генералштабовите на Мали, Буркина Фасо и Нигер, „за финализирање на планот за одбивање на кукавичката и незаконска агресија осмислена од Економската заедница на земјите во Западна Африка (ECOWAS)“, откако претходно двете земји во Нигер префрлиле дел од своите борбени авиони.
Телевизијата истакнува и дека „состанокот на началниците на генералштабовите на трите братски земји ја одрезува волјата на лидерите (на трите земји) да го заштитат Нигер и неговиот народ од секаков вид агресија“. RTN нагласува дека оската Бамако-Уагадугу-Нијамеј е „пример за солидарност, пријателство и, што е најважно, братство“.
Претходно во петокот ноќта комесарот за мир и безбедност на ECOWAS, Абдел Фату-Муса по состанокот на началниците на генералштабовите на земјите членки на организацијата во Акра, главниот град на Гана, потврди дека бил одреден точниот датум за инвазијата на здружените сили во Нигер, но на го објави, како и поединости за неа. Сепак, додаде дека се надева дека уште во сабота ECOWAS ќе се обиде во Нигер да испрати делегација којашто воената хунта треба да ја убеди да го врати на власт соборениот претседател Мохамед Базум.
ECOWAS зазеде построг став за пучот во Нигер, седми во поширокиот регион на Сахел во последните три години, отколку во однос на претходните. Кредибилитетот на блокот е ставен на тест откако порача дека повеќе нема да толерира такво соборување на демократски избрани лидери.
Нигер, чиешто нд 22-милионскп население е незадоволно од сиромаштијата во време на владеењето на Базум и покрај тоа што земјата е осми извозник на ураниум во светот и има големи наоѓалишта на нафта, исто така е од стратешко значење за регионалните и западните земји, во прв ред поранешниот колонијален владетел Франција и САД кои имаат воени бази во земјата, поради неговите резерви на ураниум и нафта и неговата улога како центар за странските војски вклучени во борбата против бунтовниците поврзани со Ал Каеда и Исламската држава. Но хунтата во Нигер превратот го правда токму со никаквата борба против џихадистичкиот бунт на групите блиски на Исламската држава и Ал Каеда.
Нагласувајќи ги загрозените интереси, американскиот Стејт департмент во саботата соопшти дека испратил претставник во Нигер чиј „дипломатски фокус ќе биде да се заложи за дипломатско решение кое ќе го зачува уставниот поредок“.
Ветувањето на хунтата да се спротивстави на надворешниот притисок доби поддршка од мнозинството на населението во Нигер. Илјадници поддржувачи на хунтата се собраа на стадионот во Нијамеј и во саботата, на уште еден неофицијален собир на цивилите подготвени да доброволно да се вклучат во одбрамата доколку ECOWAS одлучи воено да интервенира.