Делегација на АРМ на конференција на земјите партнери на националната гарда на САД

Делегација на Армијата на Република Македонија предводена од началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски учествуваше на конференција на земјите партнери на националната гарда на САД,  што се одржува во Гармиш, Сојузна Република Германија.

На конференцијата, како што соопшти денеска Канцеларијата за односи со јавност на ГШ на АРМ, учествуваат претставници од армиите на земјите членки на програмата за партнерство со националната гарда на САД, меѓу кои и началници на генералштабови и други високи воени раководители.

Фокусот на конференцијата е насочен кон меѓусебните констелации на партнерските земји на националната гарда во период после одржаниот  варшавски самит на НАТО, како и разгледување на облиците и начините на натамошната воена соработка.

Учеството на македонската висока воена делегација на конференцијата, која е во организација на Европската команда на вооружените сили на САД (ЕУКОМ), се наведува во соопштението, е од особено значење за АРМ поради можноста за размена на информации од значење за безбедноста и подобрување на меѓусебната воена соработка во справувањето со актуелните безбедносни ризици.

Генералот Величковски  за време на одржувањето на конференцијата остварил средби со високи воени претставници од ЕУКОМ, националната гарда на САД и од армиите учеснички на конференцијата, на кои првенствено се разговарало за натамошно унапредување на меѓусебната воена соработка.

Програмата за партнерство на националната гарда  на САД со армиите на земјите од Европа кои потекнуваат од поранешна Југославија, поранешниот Советски Сојуз и поранешниот Варшавски пакт, кои се во зоната на одговорност на ЕУКОМ, потекнува од 1993 година, кога и АРМ ја отпочна воената соработка со националната гарда на Вермонт.

Главна цел на оваа партнерска програма, како што е наведено во соопштението, е промовирање заеднички пристап, градење на воените способности и унапредување на меѓусебната интероперабилност со што се придонесува во Европската, но и поширока меѓународна стабилност.

Во 2008 година како дел од програмата за соработка, единици на АРМ заеднички учествуваа со единици на националната гарда на Вермонт во наменските сили „Феникс“ во склоп на мисијата ИСАФ во Авганистан. Покрај овој заеднички настап со оваа партнерска национална гарда, секоја година АРМ изведува заедничка обука,  вежбовни активности и состаноци на највисоко воено ниво.