Делегација на руската служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор во Македонија

Официјална делегација на „Россељхознадзор“ – Служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, денес пристигна во Македонија.

Посетата на делегацијата е врз основа на  меморандумот за соработка меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и „Россељхознадзор“, потпишан на 4-ти јуни оваа година, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

Мисијата на оваа официјална десетдневна посета е проверка на македонските капацитети за производство на млечна и месна индустрија.  Посетата е иницирана од страна на „Россељхознадзор“, а контролата ќе биде спроведена во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Во тек на наредните денови заклучно со 23- ти јули, од страна на тимови составени од Руската Служба и Македонската Агенција, ќе бидат посетени дванаесет  (12) македонски компании, согласно список доставен од Агенцијата.

Целта е проверка на производните капацитети на мекедонски производители во млечната и месната индустрија, кои доколку ги задоволат потребите на стандардите на „Россељхознадзор“, ќе имаат можност да се стекнат со дозвола за извоз во Руската Федерација.

Македонско-Руската комора која во дел на активностите е насочена кон зголемување на извозот на македонски производи во Руската Федерација, оценува дека официјалната посета на делегација на “Россељхознадзор” и нивното директно запознавање со капацитетите во месната и млечна индустрија во Република Македонија, е од исклучително значење за започнување на извоз во овие гранки  и огромна шанса за зголемување на вкупниот извоз на македонски производи во Руската Федерација, што ќе овозможи поголема соработка и ќе резулира со зголемување на финансиските резултати.