Делегацијата на ВМРО – ДПМНЕ која се наоѓа во посета на Берлин вчера вечер имаше работна вечера со петнаесетина германски политичари од најголемите германски партии и стопанственици.
На средбата учествуваа Волфганг Ишингер, врвен германски дипломат и директор на Минхенската безбедносна конференција, Торнстен Фрај, пратеник од владејачката коалиција ЦДУ-ЦСУ и член на комитетот за прашања од Европската унија и надворешни работи на Германија, Јоханес Хајндл, специјален пратеник за Македонија при Mинистерството за надворешни работи на Германија, Алојс Карл, германски пратеник и член на комитетот за прашања од Европска унија, Јосип Јуратовиќ пратеник и член на парламентарната група на Социјал – демократите (СПД), Кристијан Хелбах, специјален пратеник за Југоисточна Европа и Турција, Александар Радван, пратеник и член на комитетот за надворешни работи и комитетот за финансии, Алфонс Шнајдер, претседател на извршниот одбор на Фондацијата на семејни бизниси во Германија, Тобиас Зех, пратеник и член на комитетот за труд и социјални прашања и економски корпорации и развој, Франке Бенедикт, оперативен шеф на Минхенската безбедносна конференција и други политички и бизнис претставници.
Според пратеникот Торнстен Фрај, од партијата ЦДУ на канцеларката Меркел, Германија има посебен фокус на земјите од западниот Балкан особено на Македонија која заслужува поддршка на својот пат во ЕУ и НАТО. Фрај вели дека Германија е свесна за своите потешкотии на евроатлантскиот пат и високо ја цени улогата на Македонија во надминување на бегалската криза минатата година. Земјата, вели Фрај, заслужува фер однос од ЕУ, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Членството на Македонија во ЕУ е долг процес, но мора да биде апсолутно јасно дека Македонија заслужува многу фер договор на својот пат кон Европската унија. Изминатите години ЕУ не беше секогаш фер кон Македонија. Ние можеме да видиме, да препознаеме неколку моменти во кои земјата оди напред особено одлуката од минатата недела во декември да се одржат предвремени парламентарни избори и мора да забележиме дека ВМРО – ДПМНЕ и поранешната влада во Македонија спроведе неколку точки од дебатата во Македонија. Многу ми е драго и сум оптимист што ќе биде можно да се вратиме на дијалог базиран на политичка култура во Македонија и тоа е е многу важен момент да се дојде поблиску до Европската унија и влезот во неа, изјави Торнстен Фрај по работната средба.
На средбата се разговараше за прашања значајни за Македонија и за прашања значајни за односите помеѓу Македонија и Германија, изјави по состанокот лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски кој своите соговорнници ги информирал за развојот на настаните во Македонија и ги слушнал нивните размислувања за актуелните состојби.
Беше исклучително значајно бидејќи се работи за група која што има доста информации, доста големо влијание и добро е да се информираат, но и да се држат за пријатели на Македонија. Имаше и членови на Парламентот и од едната и од другата политичка опција. Разговараме доста сериозно и доста прецизно со точни и прецизни информации за се она што е значајно, за да луѓето ја добијат реалната слика во Република Македонија вклучително и за сликата за проблемите. Луѓето кои доаѓаат на состанокот доаѓаат информирани, но по состанокот заминуваат уште поинформирани и ги знаат точно нашите залагања за понатаму и за тие залагања и тие наши планови и стратешки цели да има сериозна поддршка, вели Груевски.
Претходно, делегацијата на ВМРО – ДПМНЕ се сретна со Јурген Хард, одговорен за надворешна политика во владејачката коалиција ЦДУ/ЦСУ и за прашањата поврзани со НАТО.
Водев добри разговори со делегацијата предводена од г. Никола Груевски. Зборувавме за многу теми, меѓу кои и за мигрантите каде Македонија одигра значајна улога за цела Европа, за што ние и понатаму тесно ќе соработуваме. Со задоволство слушнав дека деновиве е постигнат договор за одржување на избори на 11 декември, изјави Хард, кој го поздрави развојот на настаните во Македонија во контекст на закажаните избори.