Унгарска делегација во посета на Стопанската комора на Македонија

Унгарска делегација во посета на Стопанската комора на Македонија

Трговската размена меѓу Република Македонија и Република Унгарија веќе со години има нагорен тренд, истакна попладнево државниот секретар при Министерството за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Левент Маџар на деловната средба во Стопанската комора на Македонија во рамки на подготвителниот состанок меѓу Мешовитата комисија по Договорот за економска соработка меѓу владите на двете држави.

Тој ја потенцираше одличната соработка на економски план и предложи поддршка на македонските компании преку Трговската куќа на Унгарија, која има свое претставништво и во Република Македонија за поврзување со унгарските компании, како и за заеднички настап во трети земји, пренесува МИА.

На средбата беше посочено дека податоците на Унгарската статистичка агенција заклучно со април годинава споредбено со април минатата година покажуваат раст во сите области и тоа раст од 59 отсто во вкупната трговска размена, раст од 30 отсто во извозот на унгарски производи во Македонија и раст од 60 отсто на увоз на македонски производи во Унгарија.

На средбата беше дадена поддршка на иницијативата за потпишување меморандум за соработка од страна на Стопанската комора на Македонија и Аграрната комора на Унгарија, со цел зголемување на соработката во овој сектор, кој е од големо значење за двете земји. Воедно, беа предложени и мерки за унапредување на соработката меѓу фирмите од двете земји, како и соработката со останатите регионални комори во рамките на Стопанската комора на Македонија, првенствено во областа на земјоделството, но и во останатите дејности карактеристични за тие региони и на барање на фирмите од двете земји.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева истакна дека постојат можности за подобрување на трговската размена меѓу Македонија и Унгарија, и тоа во делот на конфекционирање на животински отпад, осигурување на земјоделството од природни непогоди, системи за наводнување, во семенарството, рибарството, како и во делот на примарното сточарство (живинарство, говедарство и свињарство), бидејќи во сите овие области Унгарија е меѓу водечките земји во ЕУ.

Унгарскиот амбасадор Јожеф Бенце најави дека на претстојниот „Агрофуд“ на Скопски саем, ќе учествуваат повеќе унгарски компании, а беше договорена посета на Стопанската комора на Македонија на Саемот за земјоделство и храна, што во септември ќе се одржи во Будимпешта.

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Унгарија во 2014 година достигна вредност од 102,3 милиони американски долари, што претставува пораст од 60,9 отсто во однос на 2013 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 17,8 милиони долари, односно значителен раст од 115,8 отсто, додека увозното салдо изнесува 84,5 милиони долари или зголемување од 52,7 отсто споредбено со 2013 година.

Деловната средба Стопанската комора на Македонија ја организираше во соработка со Министерството за економија и Амбасадата на Република Унгарија.