
ВМРО-ДПМНЕ продолжува со трибините, кои се уште еден начин на кој партијата преку своите комисии е во поблиска комуникација. Денеска трибина имаше Комисијата за енергетика. Модератор на трибината беше Христијан Делев.
Делев говореше за политичкиот аспект, односно што всушност и се случува на Македонија во моментов во делот на гасификацијата. Тој кажа дека сето тоа било дел од една глобална стратегија и стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, да се донесе гас до секое домаќинство во Република Македонија.
-Сега ни се случува еден тотален хаос во овој сектор, односно да се сведеме во ситуација да сите овие проекти буквално застанат. Во моментов не се гради ниту еден гасовод, а знаеме дека претходната Влада веќе ги имаше заокружено, односно веќе ги имаше обезбедено средствата за целиот овој процес, дел буџетски средства, дел кредити. Така да, целиот овој процес беше на некој начин заокружен, изјави Делев.
Тој кажа дека во време на политичка криза и на отежнати односи со Грција, преку градење мерки за соработка, проект воден од Министерство за надворешни работи, како што кажа Делев еден од првите документи што се потпиша меѓу Република Македонија и Грција беше договорот за соработка за изградба на еден нов конектор, со што Македонија ќе беше поврзана со еден интерконектор во Грција, со што би го добивала гасот од Каспискиот регион. Тој напомена дека со проектите на ВМРО-ДПМНЕ покрај економскиот раст и енергетската независност, големи придовки ќе има и во намалувањето на загадувањето на воздухот.
-Многу малку знаат дека во меѓувреме во Бугарија кога се потпишуваше договорот за добрососедство, паралелно на истиот тој евент беше и договорот за соработка во делот на гасната инфраструктура, односно гасификацијата. Тоа не е ништо спорно, но спорно е што сега имаме драстични промени на ставовите. Ако претходната Влада во соработка со меѓународните институции, ЕУ, САД направи, односно трасираше еден пат каде што Македонија преку тие меѓународни интерконектори, ќе беше поврзана до повеќе ресурси, со што ќе ја намалеше зависноста од еден извор, кој што го имаме и во моментов. Со тој договор се даде еден нов правец, со кој се враќаме на почетокот, што е вистинска трагедија, изјави Делев.