Делев: ВМРО-ДПМНЕ реализираше многу проекти во екологијата важни за економскиот развој на државата

Екологијата не е веќе тренд, туку стана и потреба, еколошките проекти во иднина нема да бидат само проекти кои се важни само за животната средина, туку тоа ќе бидат важни проекти и за економскиот развој, кажа Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ, на панел дискусијата „Единствени кои инвестираат во здрава животна средина“, организирана по повод роденденот на партијата.

„Екологијата не е само тренд. туку е и потреба и една сфера којашто во иднина ќе биде целиот економски развој на едно општество или држава како Македонија, базиран токму во делот на економијата. Еколошките проекти во иднина нема да бидат само проекти кои се важни само за животната средина, туку тоа ќе бидат важни проекти и за економскиот развој. Отпадот, менаџирањето на отпадот, менаџментот на целиот тој еколошки процес станува бизнис и тоа многу профитабилен бизнис“, рече Делев

Додаде и дека западните земји сѐ повеќе работат околу отпадот и неговиот менаџмент, кој станува главен генератор на приходи.

„ВМРО-ДПМНЕ подолго време размислува на овој сегмент, имаме направено неколку проекти, како проекти кои треба да се развијат, така и проекти кои веќе ги реализиравме и многу проекти кои беа дел од нашата изборна програма. Неколку само ќе напоменам. Проектите кои требаше да се направат во делот на екологијата во Македонија, беа долги, тешки, но и многу скапи. За такви проекти требаше доста време и средства, бидејќи не секогаш имавме такво искуство околу менаџирањето или подоцна имлементирањето со такви проекти“, продолжи Делев.

Напомена да имаат мини но и макро-проекти, кои придонесуваат во оваа сфера. Како еден од најголемите проекти ја спомена гасификацијата во земјата, проект кој според неговите зборови бил многу значаен.

„Тоа е најзначајниот проект во Република Македонија, не многу визибилен, бидејќи станува збор за една огромна подземна инфраструтура, но многу значајна и многу скапа. Првично требаше да ги најдеме кои се тие алтернативни рути, каде што можеме да го прибавиме гасот. Ние одлучивме тој да го базираме на западните компании и дистрибутери. Во фаза на градба е главниот гасовод кој треба да донесе евтин гас од другите земји, проект кој ќе помогне да го намалиме загадувањето“, објасни Делев.

Кажа дека има и многу други мерки, кои влијаат на енергетската ефикасност. Тој ги спомена и мерките како што беше помошта за набавување пелети, како и субвенцијата за менување на дрвените прозорци.

„Сега некако сум загрижен, бидејќи сите тие активности на еден начин застанаа и како такви според мене тие треба да продолжат, бидејќи тие се добри мерки, конкретни и ќе придонесат граѓаните да имаат почист воздух. Тие се долгорочни мерки, кои ние ги почнавме и некој треба да ги продолжи. Тие треба да бидат прифатени од новата влада, бидејќи за тие мерки користени се западни консултанти и технологии. Убаво е ова да се продолжи, но на терен не е така. Сведоци сме што се се случи во Струга и во Тетово. Една депонија да не може да се изгаси, го покажува капацитетот на локалната самоуправа и новата владеачка гарнитура“, заклучи Делев