Делови од Европа и Балканот покриени со снег

По релативно високите пролетни температури, невреме проследено со снег и силен ветер зафати делови од Балканот и остатокот од Европа. Неочекуваниот снег го отежна сообраќајот во Босна и Херцеговина каде се задржа на улиците и предизвика одрон на земјиштето, додека во Сараево снегот предизвикал и проблеми со снабдувањето со вода.

Во соседна Србија освен на планините, снег падна и на пониските места. Дневните температури беа значително пониски за овој период од годината, а според прогнозите, подобрување на временската состојба се очекува следната недела. Снегот ги погоди и континенталните делови на Хрватска. Брегот на Јадранско Море беше зафатен од поројни дождови и силен ветер, а на места имаше и бура.

Ситуацијата не е поинаква ни во Европа. На повисоките места во делови од Германија температурата достигна до -10 целзиусови степени. Врнежи од снег ги изненадија и жителите на Киев каде снежната покривка достигна 10 сантиметри, при што голем број на летови беа откажани.

Снегот го отежна сообраќајот на автопатот кој ги поврзува Прага и Дрезден во пограничниот предел во планинскиот терен, каде снежната покривка достигна неколку сантиметри, а слична е состојбата и на истокот на Чешка. Невреме и заладување во овој дел на Европа се очекува до крајот на неделата.