Деловната активност во еврозоната нагло ослабе во ноември

Деловната активност во еврозоната нагло ослабе во ноември, како одраз на падот на активноста во услужниот сектор првпат од почетокот на годината, покажа во петокот објавениот извештај на S&P Global.

Индексот на менаџерите за набавка (PMI) во приватниот сектор на еврозоната паднал во ноември за 1,9 поени во однос на октомври и изнесува 48,1 поен, покажаа прелиминарните пресметки на Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која го составува извештајот за S&P Global.

Вредностите на индексите пониски од 50 поени укажуваат на пад на активноста, додека вредностите повисоки од 50 укажуваат на зголемување на активноста.

„Ситуацијата тешко може да биде многу полоша“, заклучи главниот економист на Хамбуршката комерцијална банка, Сајрус де ла Рубија, осврнувајќи се на резултатите од последното истражување.

„Преработувачкиот сектор на еврозоната тоне се подлабоко и подлабоко во рецесија, а сега се појавија проблеми и во услужниот сектор, по двата месеца маргинален раст“, ​​додаде Де ла Рубија.

Извештајот за ноември упатува на заклучок дека не се гледа подобрување, со оглед на континуираното слабеење на побарувачката.

Индексот што ја покажува состојбата во клучниот услужен сектор, пак, падна во негативна област првпат по 10 месеци, што сигнализира пад на активноста по два месеца незначителен раст.

Притоа, се приклучи на преработувачкиот сектор, кој пак тоне сѐ подлабоко и подлабоко во рецесија, со натамошен пад на индексот уште подлабоко под нивото од 50 поени, што го дели растот од падот на активноста.

Иако компаниите го зголемија бројот на вработени и во ноември, менаџерите покажаа воздржаност и во следната година, покажа истражувањето, заедно со влошените деловни очекувања, покажано со падот на вредноста на соодветниот индекс на најниско ниво во последните две години.