На Волстрит цените на акциите значително пораснаа во понеделник бидејќи американските компании објавија подобри од очекуваните квартални деловни резултати, а инвеститорите, дополнително, се надеваат дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен.
Индексот Dow Jones зајакна 0,93 отсто, на 33.984 поени, додека S&P 500 порасна за 1,06 отсто, на 4.373 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,20 отсто, на 13.567 поени.
Растот на индексите дојде благодарение на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на повеќето компании и банки кои досега објавуваа финансиски извештаи.
Вчера, на пример, цената на акцијата на „Charles Schwab“ скокна за речиси 5 отсто, откако брокерската куќа објави помал од очекуваниот пад на заработката.
Во наредните денови резултатите ќе ги објават, меѓу другите, „Bank of America“, „Goldman Sachs“, „Morgan Stanley“, „Tesla“, „Johnson&Johnson“… Инвеститорите се оптимисти, надевајќи се дека позитивниот тренд ќе продолжи.
Сезоната за објавување на кварталните извештаи само што започна, но досега повеќето компании пријавуваа подобри резултати од очекуваните, па се зголемија и проценките. Аналитичарите сега проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 е зголемена за 2,2 отсто во третиот квартал во однос на истиот период лани, додека пред една седмица се очекуваше раст од 1,3 отсто.
Пазарот е поддржан и од надежите на инвеститорите дека американската централна банка нема дополнително да ги зголемува каматните стапки. Вчера, Патрик Харкер, претседател на филијалата на Federal Reserve (Fed) во Филаделфија, изјави дека верува оти централната банка најверојатно го завршила циклусот на зголемување на каматите.
Инвеститорите со едно око гледаат на развојот на ситуацијата на Блискиот исток, но аналитичарите велат дека тоа не би требало да има значително влијание на пазарот доколку конфликтот меѓу Хамас и Израел не ескалира и ако некои други земји во регионот не се вклучи.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,41 отсто, на 7.630 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,34 отсто, на 15.237 поени, а париски CAC 0,27 отсто, на 7.022 поени.