Демант на ТЕ-ТО на тврдењето на Здружението на акционери на Топлификација

ТЕ-ТО АД нагласува дека постапката за доделување на државна помош е законска и не е спротивна на договорот на Енергетската заедница, се вели во демантот на компанијата 
„Постапката која ја води Енергетската заедница во соседната држава, а на која се повикува Здружението на акционери на Топлификација АД е за сосема друга работа и нема допирни точки со државната помош на ТЕ-ТО АД со која се прави само одлагање, а не и бришење на даночни обврски. Целосна лага е дека ТЕ-ТО АД е профитабилна компанија која остварува милионски добивки.
Добивката во 2018 година за која ТЕ-ТО АД е обврзано да плати данок на добивка е резултат на отпис на побарувања кои од ТЕ-ТО АД ги имаат неговите сопственици, меѓу кои и Топлификација АД. Доколку ТЕ-ТО АД беше профитабилна компанија со милионски добивки немаше да спроведува стечајна постапка со план за реоргнизација. Како резултат на планот за реорганизација и отписот на побарувањата се создаде добивка само на хартија, која е нереална и е само сметководствено прикажана.
Согласно препораките на Европската унија преку Европскиот парламент и Советот на Европа, во ваков случај кога има отпис на побарувања со судска одлука за реорганизација, компанијата не подлежи на даночна обврска за отпишаните побарувања. Спротивно на европските препораки, компанијата ТЕ-ТО АД е дополнително обременета од државата со данок на добивка. Со државната помош оваа дополнителна даночна обврска е само одложена. На тој начин ТЕ-ТО АД после 9 години ќе ѝ плати на државата данок од 16 милиони евра, данок кој не би го платиле останатите гасни електрани на европскиот пазар во ваков случај“, се наведува во демантот..