Демографските проблеми на Јапонија се продлабочуваат, стапката на наталитетот на рекордно ниско ниво

Стапката на наталитетот во Јапонија се намалила во текот на изминатата 2022-ра, седма година со ред и го достигнала рекордно ниското ниво, објави во петокот тамошното Министерство за здравство, истакнувајќи ја кризата којашто ја зафаќа азиската земја во којашто населението е сѐ постаро и сѐ помалубројно.

Стапката на наталитетот, просечниот број деца кои жените ги раѓаат во текот на својот живот, изнесувала 1,2565, што е помалку од рекордното ниско ниво од 1,2601 забележано во 2005 година. А тоа е и далеку под стапката од 2,07, за којашто се смета дека е неопходна за да се одржи стабилното население.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида запирањето на падот на стапката на наталитетот ја постави како највисок приоритет на неговата влада, која и покрај големата задолженост на земјата има намера да намени 25 милијарди американски долари годишно за детска грижа и други мерки за поддршка на родителите.

„Помладата популација ќе започне драстично да се намалува во 2030-те. Периодот дотогаш е нашата последна можност да направиме пресврт на трендот на сѐ помалку раѓања“, изјави Кишида претходно седмицава во текот на посета на детска градинка.

Речиси двегодишната пандемија на коронавирусот ги влошила јапонските демографски предизвици, последните неколку години склучени се помалку бракови, што придонело и за помалата стапка на наталитетот, а коронавирусната болест ковид-19 е делумно одговорна за поголемата смртност.

Бројката новороденчиња минатата 2022 година во Јапонија се намалила за 5 отсто на 770.747, што е рекордно ниско ниво, а бројката на починатите била за 9 отсто повисока, исто така, за рекордните 1,57 милиони луѓе, според официјалните податоци.